Рускиот претседател Владимир Путин се обидува да купи време додека размислува како да се справи со Евгениј Пригожин, вели директорот на ЦИА, Вилијам Барнс. Тој смета дека бунтот на Пригожин минатиот месец ги открил слабостите на Путин и дека сега за шефот на „Вагнер“ се спрема одмазда, пишува Би-Би-Си.
– Путин е некој кој генерално мисли дека одмаздата е јадење кое најдобро се служи ладно. Според моето искуство, Путин е крајниот апостол на одмаздата, така што би бил изненаден ако Пригожин избегне дополнителна одмазда – рече шефот на ЦИА во четвртокот на форумот во Аспен.
Претходно овој месец, американскиот претседател Џо Бајден посочи дека постои ризик шефот на Вагнер да биде отруен.
– Да бев на негово место, ќе внимавав што јадам. Ќе внимавав на моето мени – се пошегува претседателот.
Директорот на ЦИА го сподели истиот став велејќи:
– Да сум на местото Пригожин, не би го отпуштил мојот дегустатор на храна – рече Барнс.
Тој го коментираше и неодамнешното видео каде се прикажува дека Пригожин е во Белорусија.
– Господинот Пригожин се преселил наоколу, но неодамна бил во главниот град на Белорусија, Минск, како и во Русија- вели Барнс.
– Таа платеничка група сè уште има вредност за раководството на Русија во места како Африка, Либија и Сирија и затоа беше веројатно дека Путин ќе се обиде да ја одвои групата од нејзиниот водач – објасни тој.
Во видео објавено во средата, шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин ги пречека своите борци во Белорусија. Тој им рекол дека засега нема да учествува во украинската војна, но им наредил да се засилат за Африка додека ја обучуваат белоруската војска.
Барнс потврди и дека ЦИА однапред имала сознанија дека ќе се случи бунтот на Пригожин.
Во меѓувреме се појавија информациите дека платениците на „Вагнер“ нема да го нападнат Киев туку дека вежбаат на границата со Полска. Белоруското Министерство за одбрана вчера соопшти дека платениците на Вагнер почнале да ги обучуваат белоруските специјални сили на воен полигон на само неколку километри од границата со Полска, членка на НАТО.
Полска е загрижена поради ова. Полскиот безбедносен комитет одлучи да премести воени трупи на истокот на земјата поради присуството на групата Вагнер во Белорусија, изјави денеска секретарот на комитетот Збигњев Хофман, јави државната новинска агенција ПАП.