Претпоследното 8. коло од Светското екипно првенство во шах за сениори донесе нов триумф за тимот на Алкалоид во категоријата играчи над 50 години, при што овојпат е совладана селекцијата на Канада.
Три партии завршија со поделба на поенот, а една со победа на ВМ Трајко Недев, со што беше обезбедена и победата на вчерашниот меч со Канаѓаните.
Ремизираа Кирил Георгиев, Звонко Станојоски и Роландо Кутиров.
– Ја добивме екипата на Канада со 2,5 : 1,5. Очекувавме повеќе, но на победата не ѝ се гледа в заби. Во следното коло играме со третата селекција на Англија и со нова победа ќе го одржиме местото на кое сме сега на табелата. Во добра тимска атмосфера и во одлично расположение го чекаме последнот меч – изјави капитенот на ШК Алкалоид, Драган Јаќимовиќ.
Во вчерашното коло и македонската репрезентацијата на слепи и слабовидни шахисти ја совлада Шведска со 2,5 : 1,5 во категоријата на играчи над 50 години.
На табелата водат репрезентациите на САД и на Италија со по 13 бода, Исланд и Англија 1 имаат по 12 бода, додека, пак, Алкалоид е петти со 10 бода.
Репрезентацијата на ветерани (играчи над 65 години) беше поразена од Австрија со 3:1, а утре ќе игра со Ирска, при што има шанси за нова победа во дуелот со Ирска.