САД, Јужна Кореја и Јапонија го осудија најновото лансирање на севернокорејска балистичка ракета, велејќи дека тоа ја зголемува заканата за мирот и стабилноста на Корејскиот Полуостров и меѓународната заедница.
Северна Кореја утрово ја истрела втората балистичка ракета во последните два дена во морето кај нејзиниот источен брег, соопшти јужнокорејската војска.
Јапонското Министерство за одбрана соопшти дека најверојатно станува збор за интерконтинентална балистичка ракета (ICBM), која може да лета повеќе од 15.000 километри и да погоди цели на „целата американска територија“.
Ракетата летала околу 1.000 километри пред да падне во Јапонското Море, но според пресметката заснована на траекторијата и тежината на боевата глава, би можела да има капацитет на летање поголема од 15.000 километри, а во тој случај целата територијата на Соединетите Држави беше во дострел, изјави јапонскиот официјален претставник Шинго Мијаке.
Новото лансирање дојде откако Јужна Кореја објави дека Северна Кореја тестирала балистичка ракета со краток дострел во морето во неделата, продолжувајќи го тестот на оружје што трае околу еден месец.
Во изјавата, портпаролот на Стејт департментот го осуди Пјонгјанг за лансирање балистички ракети, наведувајќи дека тие претставуваат кршење на неколку резолуции на Советот за безбедност на ОН.
Тој додаде дека лансирањето претставува закана за соседите на Северна Кореја и „ја поткопува регионалната безбедност“.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида денеска изјави дека двете најнови лансирања на севернокорејски проектили, од кои едното се верува дека е интерконтинентална балистичка ракета (ICBM), претставуваат „закана за мирот и стабилноста во регионот“ и дека Јапонија „остро ги осудува“ . Тој, исто така, истакна дека со тоа се прекршуваат санкциите на Советот за безбедност на ОН против Пјонгјанг.
Јужнокорејското претседателство денеска по вонредниот состанок на Советот за национална безбедност соопшти дека „цврсто го осудува“ новото лансирање на интерконтинентална балистичка ракета од страна на Северна Кореја, која, како што е наведено, „создава сериозна закана за мирот и безбедноста на Корејскиот Полуостров. и меѓународната заедница“.