Властите на Северна Кореја негираа дека и испорачувале оружје на Русија, објавија тамошните државни медиуми, откако пред неколку недели САД објавија дека Москва бара од Пјонгјанг оружје за да ги надополни своите резерви исцрпени со инвазијата на Украина.
„Никогаш досега не сме извезувале оружје или муниција во Русија и немаме планови да го сториме тоа“, изјави неименуван претставник на Министерството за одбрана, пренесе севернокорејската новинска агенција КЦНА.
На почетокот на септември Белата куќа објави дека Русија купува артилериски гранати и ракети од Северна Кореја за војната во Украина.
Севернокорејски официјален претставник изјави дека Вашингтон и „другите непријателски сили шират гласини за трговија со оружје“ меѓу Северна Кореја и Русија.
„Ги предупредуваме САД да престанат да даваат непромислени изјави“, рече тој, додавајќи дека Северна Кореја го задржува правото да извезува воена опрема.