Јужна Кореја нареди евакуација на два нејзини острови по севернокорејскиот артилериски оган, пренесува AFP. Јужна Кореја им порача на цивилите на островот Јеонпјеонг да се евакуираат откако Северна Кореја истрела околу 200 артилериски гранати од нејзиниот западен брег кон островот, соопшти рано утринава Министерството за одбрана на Сеул.
„Северна Кореја истрела околу 200 гранати во близина на островот Јеонпјеонг“, изјави претставник на Министерството за одбрана на брифингот, а локалните власти во Јеонпјеонг, каде живеат околу 2.000 луѓе, изјавија за АФП дека од цивилите било побарано да се евакуираат. Локален функционер тогаш потврди дека жителите на вториот остров исто така биле замолени да се евакуираат, пренесува AFP.
Јужна Кореја го осуди гранатирањето, нарекувајќи го „провокативен чин“ и вети дека ќе одговори. Да потсетиме дека во 2010 година севернокорејската армија пукаше десетици пати кон островот Јеонпјеонг, при што загинаа четири лица.
„Инцидентот не предизвика никаква штета, но го загрози мирот“
Артилериските гранати истрелани утринава меѓу 9 и 11 часот по локално време не навлегле на територијата на Јужна Кореја бидејќи сите паднале во тампон зоната меѓу двете земји.
Началникот на Генералштабот на Јужна Кореја рече дека инцидентот не предизвикал „никаква штета на луѓето или војската“, но додаде дека чинот „го загрозува мирот на Корејскиот полуостров и ги зголеми тензиите“.
Инцидентот уследи по суспензијата на воениот договор со цел намалување на тензиите
Последниот инцидент доаѓа откако Северна Кореја целосно го суспендираше воениот договор со Југот кој имаше за цел да ги намали тензиите. Потоа, Пјонгјанг рече дека ќе ги укине сите мерки „преземени за да се спречи воен конфликт во сите сфери, вклучително и копно, море и воздух“, и ќе распореди „посилни вооружени сили и нов вид воена опрема“ во пограничната област.
Северна Кореја го прекрши тој договор повеќе пати во изминатите две години, лансирајќи проектили и фрлајќи артилериски гранати во морето во правец на југ. Последен пат Северна Кореја истрела артилериски гранати во морето во декември 2022 година, а само во таа година имало девет такви инциденти.
Островот Јеонпјеонг, дом на воена база и околу 2.000 цивили, е на 3 километри од спорната поморска граница во Жолтото Море и 12 километри од севернокорејскиот брег. Тоа беше сцена на меѓукорејски поморски конфликти низ годините.