Северна Кореја утрово истрела неколку крстаречки ракети кон Јапонското Море, соопшти јужнокорејската војска. Ова е уште еден во серијата тестови на оружје што Пјонгјанг ги спроведе оваа година.
-„Нашата војска денеска во 9 часот забележа неколку непознати крстосувачки ракети во водите североисточно од Вонсан, а јужнокорејските и американските служби започнаа детална анализа“, соопшти воениот штаб на Јужна Кореја. Во соопштението се додава дека јужнокорејската војска „ќе го зголеми набљудувањето и надзорот“ и „внимателно ќе ги следи сите знаци на дополнителна активност на Северна Кореја“.
Во понеделникот Пјонгјанг објави дека тестирал нов контролен систем за повеќекратен ракетен фрлач, со кој има намера значително да ги зајакне своите одбранбени способности. Северна Кореја, која има нуклеарно оружје, оваа година ја прогласи Јужна Кореја за „главен непријател“, ги затвори агенциите посветени на обединувањето и се заканува со војна за каков било влез на територијата.
Пјонгјанг го засили тестирањето на воената опрема, тестирајќи го особено она што го опишува како „подморски систем за нуклеарно оружје“ и хиперсонични балистички ракети на цврсто гориво. Војската на Северна Кореја оваа година лансираше серија крстосувачки ракети, оружје за кое аналитичарите се сомневаат дека може да биде испратено во Русија за употреба во војната во Украина.
Пјонгјанг и Москва ги зајакнаа своите врски во последните месеци, со Ким Џонг Ун, кој ретко патува, во септември ја посети Русија и се сретна со претседателот Владимир Путин. Јужна Кореја и САД тврдат дека Северна Кореја, и покрај санкциите на ОН, испраќа оружје во Русија, веројатно во замена за техничка помош за шпионска сателитска програма.
За разлика од тестовите на балистички ракети, сегашните санкции на ОН против Пјонгјанг не ги спречуваат тестирањата на крстосувачки ракети.