Секторот за внатрешни работи Тетово ги засили контролните и други активности поврзани со навремено откривање и спречување продажба и употреба на петарди и други пиротехнички средства, а кои наредните денови уште повеќе ќе се интензивираат.
Во таа насока, на трговците, родителите и учениците (основци и средношколци) повторно им се укажува дека продавањето, односно купувањето и активирањето на петарди на јавни места, на улица, во дворови, влезови на станбени згради и слично, претставува законски прекршок, за кој согласно член 31 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир е предвидена глоба од 100 до 250 евра во денарска противвредност. Нивното набавување и дистрибуирање на пазарот во поголеми количини е спротивно на Кривичниот законик на Република Македонија и за тоа дело е предвидена казна затвор од најмалку пет години, соопшти СВР Тетово.
Од таму апелираат, пред сѐ до учениците од основните училишта, подалеку од ваквите опасни играчки, кои неретко можат да предизвикаат и сериозни последици по нивното здравје, односно повреди на рацете, очите и другите делови од телото.
Секторот за внатрешни работи Тетово ги потсетува граѓаните ( член 32 од ЗППЈРМ) дека со парична глоба од 100 до 250 евра во денарска противвредност ќе се санкционираат и сите оние кои на јавно место неовластено приредуваат огномети, факелијади или слични приредби и не ги преземат потребните заштитни мерки согласно соодветната законска регулатива, како и оние кои со огнено оружје пукаат на свадбени или други семејни свечености.