Антолошката панк-рок химна „God Save The Queen“ на бендот „Секс пистолс“ ќе биде повторно објавена во ограничено издание по повод платинестиот јубилеј на кралицата Елизабета Втора, 45 години откако предизвика скандал во кралството.
Антимонархистичката химна, чии остри стихови ги потпишува фронтменот на бендот Џони Ротен, беше објавена во 1977 година, кога кралицата го прослави својот сребрен јубилеј – 25 години на тронот.
Песната, која зборува за кралицата како за нечовечко суштество и го нарекува нејзиниот режим фашистички, потоа беше забранета на радио и телевизија Би-би-си.
Но, тоа само ја направи уште попопуларна и заврши на второто место на официјалната музичка скала за синглови, иако многу фанови сè уште мислат дека намерно била задржана таму за Род Стјуарт да може да се искачи на првото место со песната „I Don’t Want To Talk About It“.
Неколку илјади плочи ќе бидат пуштени во продажба на 27 мај. Во тоа се вклучени двете издадени оригинални верзии, за „Вирџин рекордс“ и „А енд М рекордс“.
Пистолс најпрво потпишаа договор со A&M, но поради нивното ужасно однесување, издавачот брзо ги избрка, по што младиот претприемач Ричард Бренсон ги привлече кон својата Вирџин.
„Еден од најбараните винили во историјата се враќа на полиците. Двете изданија се во ограничено издание“, пишува на официјалниот твитер-профил на бендот. Членовите на бендот ја пуштија песната на денот на сребрениот јубилеј додека пловеа на бродот по Темза, а потоа беа уапсени еден по еден додека излегуваа на брегот. Ставовите на Џони Ротен, во меѓувреме, омекнале.
„Како човечко суштество, би ми недостасувала на светот“, рекол Лидон во интервјуто пред пет години. „Не е таа виновна што е родена во златен кафез“, изјавил сега 66-годишниот панк ветеран и додач: „Нека живее долго. Не би зборувал за нејзиното владеење, но нека живее долго“.