Албанскиот премиер Еди Рама пред утрешната средба меѓу Вучиќ и Курти во Брисел, фигуративно оцени дека „секоја друга алтернатива, освен итно, сеопфатно спроведување на договорот за француско-германскиот план на патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, е игра со оган, пренесува Ора њуз.
-Прв ќе изгори кој и да игра, а уште полошо, на крајот ќе изгори целиот регион, но и самата Европа нема да се спаси без да биде изгорена – рече Рама.
Албанскиот премиер притоа изрази надеж дека следната средба „нема да биде уште еден празен круг, за уште едно повторување на песната ‘другиот е виновен’“.
Рама појаснува дека неговите позиции не значат дека: „Албанија го гледа Косово како единствено одговорно за доведување на дијалогот во ќорсокак“.
– Секако, не. Косово направи значаен чекор во долгоочекуваниот правец, прифаќајќи го француско-германскиот план без повикување на меѓусебно признавање и исто така прифаќајќи го предлогот за самоуправување на српската заедница. За овој чекор на Албин Курти веднаш му аплаудирав јавно, не само лично. Сега е време Србија да излезе од апсурдниот ров на негирање на реалноста и да дејствува со добра волја, овозможувајќи имплементација што ги исполнува потребите на двете страни во рамките на француско-германскиот план – вели Рама.