Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за по три денари, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија.
„Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 3,60% во однос на одлуката од 23.03.2022 година“, соопштија вечерва од Комисијата.
Согласно одлуката, малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,571 ден/кг и сега ќе изнесува 55,163 ден/кг.
Од 25.3.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 82,00 (денари/литар)
– Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 84,00 (денари/литар)
– Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 84,00 (денари/литар)
– Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 81,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС 55,163 (денари/килограм)
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,944 отсто, кај дизелот за 5,650 отсто, кај екстра лесното масло за 5,694 отсто и кај мазутот за 3,588 отсто.
Од РКЕ велат дека курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,059 проценти.
Напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 25.3.2022 година и потсетуваат дека трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.