Министерот за внатрешни работи на Мароко потврди дека во земјотресот што се случи во близина на Маракеш загинале 632 лица, а најмалку 329 се повредени.
Според министерот, 51 лице се во критична состојба.
Како што јави Би-Би-Си, жителите на Маракеш јавуваат дека по земјотресот дошло до прекин на струјата и пристапот до интернет.
Претходно Министерството за надворешни работи соопшти дека загинале 296 лица, пренесе АП.
Прелиминарната проценка на Американскиот геолошки институт е дека земјотресот што се случи синоќа во 23 часот и 11 минути бил со јачина од 6,8 степени. Првиот земјотрес траел неколку секунди, а 19 минути подоцна следел земјотрес со јачина од 4,9 степени.
Националниот центар за научни и технички истражувања со седиште во Рабат соопшти дека земјотресот бил со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала и дека неговиот епицентар се наоѓа во провинцијата Ал Хауз, југозападно од Маракеш, популарна дестинација за странските туристи, пренесува АФП.
Епицентарот на земјотресот бил во близина на градот Игил во провинцијата Ал Хауз, приближно 70 километри јужно од Маракеш.
Вработените во итната помош трагаат по преживеани во урнатините.
Оштетена е џамијата Кутуби од 12 век во Маракеш, една од најпознатите знаменитости на градот.
Мароканците објавија и видеа на кои се гледаат оштетени делови од познатите црвени ѕидови кои го опкружуваат стариот град Маракеш, кој е под заштита на УНЕСКО.
Освен во Маракеш, тресење на земјата е почувствувано и во Рабат, Казабланка, Агадир и Есауира, што предизвика паника кај населението.