Не сум приврзаник на каква било промена, односно зголемување на цената на електрична енергија. Се што постои како можност и тоа што го имаме на располагање ќе го искористиме за да можеме уште повеќе да ја релаксираме ситуацијата со цената на електрична енергија, изјави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски.
Тој оцени дека примената на блоковите веќе дава резултати, намалена е потрошувачката, а и цената на електричната енергија на слободниот пазар е нешто пониска отколку што беше во изминатиот период.
-Барање за нова цена на струјата има поднесено Електродистрибуција за дистрибуција на електрична енергија, ЕВН Хоум и МЕМО во својство на оператор на пазар на електрична енергија. Преносниот систем оператор МЕПСО уште нема поднесено барање за определување на цената за пренос на електрична енергија. Последниот рок е 31 мај и моите очекувања се дека тоа ќе биде направено до среда. Потоа, РКЕ ќе прави вообичаено анализи како што прави секоја година и ќе ги донесеме одлуките – рече Бислимоски.
Од тоа што го имаме добиено, додаде тој, од Електродистрибуција бараат покачување за дистрибуција на електрична енергија од 32,13% за вршење на нивната дејност – дистрибуција на електрична енергија.
Тој рече дека уште траат анализите за воведување евтина дневна тарифа за струја и, како што рече, РКЕ во наредните 10 до 15 дена ќе ја информира јавноста кога точно и за кој период ќе започне примената на евтината тарифа.
-Ги правиме последните анализи. Ги гледаме и кои се случувањата на берзата, јасно е дека евтината дневна тарифа ќе биде во периодот од 11 до 16 часот, но точно кои два часа ќе бидат ќе ни покажат последните анализи кои ги правиме со цел да важи период кога имаме реално најниски цени на пазарот на електрична енергија и во Македонија, а и во регионот – истакна Бислимоски.
Тој рече и дека сите граѓани нема одеднаш да добијат евтина дневна струја, бидејќи ќе треба ЕВН да ги прилагоди броилата од кои најголем дел немаат далечинско отчитување и за сите ќе треба да се излезе на терен за да се променат.
-Очекуваме од операторот на дистрибутивниот систем со којшто држевме веќе неколку состаноци да ни каже точни претпоставки како ќе оди промената на софтверот на броилата бидејќи, за разлика од претходно сега во скапата тарифа имаме четири посебни блока, односно четири посебни цени, дали ќе треба софтверска промена да се прави на броилата, а сигурно ќе треба да се направи и промена на билинг системот имајќи во предвид дека одредена количина на електрична енергија во билингот треба да се интервенира бидејќи нема да биде во ниту еден од блоковите, туку ќе отиде во евтината тарифа – прецизира Бислимоски.
На прашање како ќе влијае евентуалното зголемување на ДДВ-то за стујата од 10 на 18% од први јули годинава врз цената на електричната енергија, посочи дека РКЕ кога ги носи своите цени, носи цени без ДДВ, така што врз нивната одлука тоа ќе нема никакво влијание.