Во Палма де Мајорка синоќа се урна ресторан, најмалку четири лица загинаа, а неколку се во животна опасност.
Во уривањето на ресторан во градот Палма де Мајорка во четвртокот вечерта, најмалку четири лица загинаа, најмалку 16 се пренесени во болница, неколку од нив се во животна опасност.Според властите на Мајорка, загинатите се еден Сенегалец, две Германки и една Шпанка која работела во барот.
Меѓу 16-те повредени, седум се во критична состојба, додека другите девет се тешко повредени, пренесува француската новинска агенција АФП.
Несреќата на Балеарскиот остров Мајорка, популарна меѓу туристите, се случила веднаш до плажата.
Зградата на Медуза Бич се урна околу 20:30 часот по локално време, кога првиот кат заедно со терасата падна во подрумот. Ресторанот бил полн во моментот на несреќата, бидејќи многумина биле на вечера. Според пожарникарската служба, објектот најверојатно се урнал поради преоптоварување на првиот кат.
Пожарникарите се уште трагаат по можни жртви меѓу урнатините. Портпаролот на полицијата за dpa изјави дека е многу веројатно да нема повеќе луѓе под урнатините, но дека превентивно ќе ја продолжат акцијата за пребарување уште неколку часа.
Шпанскиот премиер Педро Санчез на социјалната мрежа Х им изрази сочувство на роднините на жртвите и истакна дека внимателно го следи развојот на настаните. Градоначалникот на главниот град на Балеарите, Хаиме Мартинез, прогласи тридневна жалост.
Зградата се урна на почетокот на шпицот на туристичката сезона, но тоа не е прв ваков инцидент. Во 2009 година, седум лица, меѓу кои еден Германец и еден Колумбиец, загинаа при уривање на трикатна зграда во Палма де Мајорка.