Се спомнаа мистични кругови, огништа, ланчиња на карпа и разни други чудесии

Lorita
By Lorita 20 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Во судницата на Кривичниот суд во Скопје во четвртокот продолжи судењето за трговија со културно наследство, во процесот кој трае веќе седум години, а сè уште не е јасно дали осумтемина обвинети, меѓу кои и инфектологот и професор д-р Вело Марковски, навистина се занимавале со трговија со археолошки артефакти, или, пак, станува збор за речиси безвредни сувенири, купени од пазари и антикварници. Некој можеби ги препродавал тие сувенири, други ги купувале, некој ќарил некој зијанил, а обвинетите се товарат за злосторство со страшно име – трговија со непроценливо културно наследство.

И ова рочиште, миако траепше со часови, мина во стилот на театарот на аспурдот. Почна со конфликт за техничко недоразбирање – адвокатот Мирослав Вујиќ бараше ЦД со тонскиот запис од претходното рочиште, а судијката Софче Гаврилова Ефремова му појасни дека инсталираната опрема е под интервенција и дека ќе го добие записот подоцна.

– Јас го побарав пред 45 минути! – возврати Вујиќ, на што судијката одговори дека записничарот се обидел да направи копија, но не успеал, па биле повикани ИТ техничари.

Така почна рочиштето – со расправија за ЦД.

Во еден момент, на крајот (но ова не открива ништо, деталите се во текстот), сред испрашувањето на Ристо Панов, телефонот му заѕвони на обвинетиот Андони Бојаџи. Судијката го опомена бидејќи телефоните треба да бидат на тивко или да бидат исклучени за време на судењето.

– Ами, адвокатот ме бара. Што да праам? Да го лажам? – рече тој, откако претходно неговиот адвокат беше заминал, па го побарал на телефон за да се консултираат, по што сите се насмеаја, па и судијката.

Бојаџи не беше засегнат од правилата во судницата. Во тие неколку секунди се чинеше дека сериозноста на сите правни лавиринти, кои го заплеткуваа испрашувањето на сведокот, беше ставена на пауза. Сепак, сите се луѓе, згора и уморни од рочиштето кое траеше долго.

Сведочеше Васка од скопската чаршија

Да се осврнеме на посериозниот аспект, бидејќи ова судење не е нималку смешно. Да не заборавиме дека во кривично-правната постапка беа изрекувани притвори, а во сиве овие години се потрошија илјадници евра народни пари за да се дојде до вистината. Не се знае ни кој на крајот ќе ја плати сметката…

Како сведок беше повикана Васка Трајковска Арсовска, вработена во занаетчискиот дуќан „Дедо Атанас“ во старата скопска чаршија. Таа објасни дека продавала традиционални предмети: ѓумчиња, котлиња, фигури од Афродита, сребрен прибор, рачно цртани шолји, везени работи, килими, носии – предмети какви што може да се најдат и во другите антикварници. Таа одговараше на прашањата Владо Џилвиџиев,  адвокатот на обвинетиот Ристо Панов,

- Advertisement -
Ad image

– Го знам Ристо Панов, го имам видено неколкупати кај мене во дуќан. Купувал такви предмети, не многу често, можеби двапати годишно – посочи таа, додавајќи дека Панов ја посетувал и продавницата на нејзиниот сега починат татко.

Васка додаде дека сувенирите и дребулиите што ги купувал Ристо, биле во вредност од 1.000 до 5.000 денари. Таа потврди дека дозволувала Панов да ги фотографира предметите во нејзиниот дуќан.

– Секако дека дозволував да се сликаат предметите. Многу се слика, тоа е нормално денес – објасни таа.

- Advertisement -
Ad image

Презентирани ѝ беа фотографии од мобилниот на Панов. За дел од нив тврдеше дека се сликани во нејзиниот дуќан, дека ги препознава плочките, витрината, па и некои предмети, но многу од дребулиите на фотографиите не ги позна како производи што ги купил Панов од нејзината продавница. Гледајќи една фотографија, Васка посочи дека можеби предметот е купен од продавницата на нејзиниот татко, но не го позна ракописот на татка си на потписот на предметот. Таа успеа да препознае само еден бакарен сад кој наводно Ристо го купил од нејзиниот дуќан.

За потсетување, адвокатот Владо Џилвиџиев, кој го брани Ристо Панов, во средата на претходното рочиште, ја посочи клучноста на сведокот Васка Трајковска. Панов, тврди Џилвиџиев, купувал сувенири кај неа, а предметите, кои ги поседувал и за кои е обвинет, биле фотографирани со мобилен телефон токму во нејзиниот дуќан.

– Постои доказ со слики од мобилен телефон, за кои обвинителството тврди дека покажуваат нелегални артефакти, а со сведочењето на Васка ќе се докаже дека поголем дел од фотографиите во телефонот на Панов се со предмети од дуќанот во кој таа работи, бидејќи на фотографиите се гледаат витрината и плочките од продавницата – објасни адвокатот на Панов на претходното рочиште.

Сепак, Васка остро ги проценуваше предметите, давајќи оценка за нивната старост и изработка, кога наведуваше дали ѝ се познати. Кога обвинителката Маја Коневска ѝ укажа на Васка дека нема археолошка едукација, прашувајќи ја како проценува дали предметите се од нејзината продавница според нивната старост и квалитет, Арсовска посочи дека таа го добила своето долгогодишно искуство работејќи со татко ѝ кој бил и професор по историја и работел во музеј, а освен формално знаење, тој имал и практично искуство со таа проблематика.

– Точно, завршив Педагошки факултет, но татко ми ме научи. Во ова сум 40 години, а во животот, искуството значи многу. Имам доволно знаења за да работам во мојата старинарница, но не како археолог бидејќи не сум одела на терен и не планирам да одам – посочи таа.

„Со Вело фотографиравме камења што личат на фигури и на животни“

Потоа сведочеше обвинетиот Ристо Панов. Според обвинението, тој, заедно со уште неколкумина, вршел недозволени ископувања, тргувал со археолошки добра, а дел од предметите ги продавал во странство. Панов зборуваше и за обвинението кое наведува дека тој, заедно со обвинетиот Вело Марковски, без дозвола од надлежен орган, вршеле археолошки истражувања со метал детектор на археолошки локалитет кај Велес.

– Не, никогаш со Вело не сме вршеле никакви археолошки истражувања со метал детектор. Сме оделе на планина, но за да фотографираме камења што личат на животни или на човечки фигури. Таму каде што одиме, не постои никаква ознака дека станува збор за археолошки локалитет. Во регионот каде што живеам, воопшто нема таканаречена археолошка карта – посочи тој.

За многу фотографии од предмети со некаква вредност, што се наоѓаат во неговиот телефон, рече дека се симнати од интернет или дека му се препратени.

– Можат да се проверат – додаде тој.

За наводните скапоцени камења, дијаманти и македонски рубини со кои тргувал, заедно со лицето Имер Дани, спомнато во обвинението, Панов посочи дека станува збор за предмети, купени од старинарница.

– Ако нешто сум нудел, тоа биле фигури од антикварници. За камењата сме зборувале само со праќање слики – посочи тој.

Црна вреќа во Велес… полна со евтини гипсени фигури

На прашањето на неговиот адвокат, Владо Џилвиџиев, дали Панов седнал во паркот во Велес и од црна вреќа извадил статуетки, како што е опишано во обвинението, со цел да изврши нелегална трговија заедно со Дани и со други лица, Панов ја раскажа неговата верзија за настаните.

– Точно е дека се видовме со него и со непознати лица, што не сум ги видел, а јас донесов предмети, купени од продавницата на сведокот денеска, дали од татко ѝ или од сведокот не се сеќавам, но луѓето не ги бендисаа и си отидоа. Тоа не беа природни реткости, ни артефакти. Стануваше збор за фигури од гипс, од камен, какви што ги има во сите антикварници. Луѓето ги гледаа тие предмети на јавно место, да биле културно наследство, сигурно никој немало да ги донесе среде град. Истите луѓе, што не ги знаев, истиот ден, се запрени пред Битола со нивното возило, а возилото е претресено и не е најден никаков предмет, бидејќи не купија никаков предмет, зашто тоа се сувенири – посочи Панов.

Во обвинението, тврди адвокатот Џилвиџиев, се наведува дека Марковски и Андов нашле метален предмет – фигура висока 20 сантиметри, која претставува човек со штит и со меч во рацете. Но, Панов ги негираше и тие обвинувања.

– Не е точно дека сме ја пронашле. Таа фигура што ја видовме на сликата не сум ја поседувал никогаш. Таа се наоѓаше кај Столе во дуќанот, таму ја фотографирав и ја испратив. Тоа е автентична фотографија, но не и артефакт. Едноставно е сликана во продавница – одговори Панов.

Земјоделец со бизнис план

– Во дел од обвинението се спомнуваат и необработени полускапоцени камења, со тежина од 600 грама, кои наводно биле пронајдени на локалитет – посочи Џилвиџиев.

– На кој локалитет? Во нашата општина Чашка не постои место што е познато или обележано како локалитет за пронаоѓање драгоцени или полудрагоцени камења – одговори Панов.

За обвинението дека тој, заедно со Бојаџи и со Босилјанов, отишол во Грција за да продава археолошки добра, Панов беше категоричен дека таква средба не се случила.

– Никогаш не сум бил на таква средба. Ниту сме копале, ниту тие имаат видено такви предмети – рече тој.

Кога обвинителката го праша Панов зошто земјоделец како него нуди фигури од антикварница, Панов искрено призна: „Заради финансиска заработка.“

Археолошки локалитети се наоѓаат со метал детектори?!

Потоа, во текот на кафкијанскиот судски процес,  д-р Вело Марковски го презеде испрашувањето на Ристо Панов. Низ нивниот разговор се спомнуваа тајни кругови, палење оган и нешта што потсетуваат на окултни ритуали во некоја окултна фикција.

Марковски го праша Панов дали тој, Босилјанов и Ристевски создале група за уништување културно наследство, а Панов одговори дека никогаш не создале таква група. Панов посочи дека Вело Марковски никогаш не знаел за таква активност, бидејќи не ни постоела.

– Во обвинението стои дека сме користеле метал детектор и сонди. Дали сме користеле такви уреди? – праша Марковски.

– Не. Ниту сме користеле детектор, ниту со тоа се откриваат археолошки локалитети – одговори Панов.

Панов исто така порекна дека дошол експерт од Велика Британија за да ја процени вредноста на предметите што, наводно, купувачи сакале да ги купат за 15.000 евра. Тој повтори дека никогаш не копал никакви предмети со Марковски, ниту, пак, скапоцени и полускапоцени камења, а и дека фамозните предмети за кои се дискутира биле од антикварницата на Васка.

Марковски потоа му постави интересно прашање на Панов кое беше поврзано со нивните екскурзии на планина.

– Дали колата секогаш ја паркиравме на исто место?

– Да – рече Панов, појаснувајќи дека од паркираното место до локацијата, на која оделе да планинарат, пешачеле од 15 минути до еден час бидејќи „Вело не можеше повеќе да оди“. Автомобилот, според него, секогаш бил на видно место, што тешко се вклопува во приказната за наводни тајни ископувања.

„Лом ќе направиме“

Марковски потоа се осврна на порака во која Панов му пишал „лом ќе направиме“. Наводно, Ристо требало да се качи со Вело некаде горе каде што било скриеното богатство.

– Дали имаше сознание дека инспектори доаѓаат на теренот со цел да нѐ фатат живи?

– Да. Тоа беше јавна тајна – одговори Панов.

Марковски посочи дека во извештаите, инспекторите известиле дека не ги фатиле Панов и Марковски „оти е многу горе“.

– Како може универзитетски професор да отиде на некое место на кое не можат да се искачат полицајци, кои можеби се од специјалната единица? – праша Вело Марковски.

Тој укажа и дека во обвинението стои дека Панов и Марковски заедно ископувале археолошки предмети, иако Марковски доставил докази дека во тој период бил во Грција.

– Во какви односи бевме ние тогаш? – праша Марковски.

– Не контактиравме. Бевме скарани со Вело – рече Панов, со поглед вперен кон судијката.

Потоа следеше прашањето за комуникацијата на Панов со лице по име Агим, во која било наведено дека „човекот е професор, доктор на науки“ и „гарантира дека каменот е дијамант“.

– Кога сум тврдел дека некој камен е дијамант? – праша Марковски.

– Не се работи за тебе. Зборував за друг професор – одговори Панов, но само откако адвокатот Џилвиџиев интервенираше со приговор дека „можеби станува збор за друг професор“, а приговорот му беше одбиен.

Панов на некој клиент, кој барал фигури, според обвинението, му рекол дека „фигурите се во Скопје кај човекот“.

– Дали мислеше на мене? – праша Марковски.

– Не. Сакав да кажам дека се наоѓаат во дуќани – одговори Панов.

Тајни кругови, знаци, огништа на 20 места и други необјасниви мистерии

Марковски потоа го потсети Панов на дел од обвинението во кој се вели дека Панов, додека бил заедно со Марковски, барал детали за „локалитет со кругови и за недостапна пештера“ од човек што живее во Скопје. Тој посочи дека тоа не е можно бидејќи станувало збор за место кое му било роден крај на Ристо, па Ристо добро го познавал.

– Никогаш не сум барал информација за да не се изгубам. Тие кругови не беа таму, кога појдовме по некое време, имаше нацртано кругови, ги видовме, запалија оган околу нас, на 20 места, па до ден денеска тие знаци стојат, а некои се разрушени – рече Панов, во одговор кој наликува на сценарио од некој окултен трилер.

– Во обвинението стои дека ти си ми се јавил за да провериме „места со знаци каде што ќе направиме парче“. Дали тоа се однесува на тие кругови? – праша Марковски.

– Да. Некои сѐ уште стојат, а некои не – одговори Панов.

Панов, според обвинението, нашол 3 златни ланчиња со крст, а едно ланче му го дал на Марковски во кафеана во Велес. Панов изјави дека ги нашол ланчињата на карпа, дека не биле златни, туку од медицински челик и дека тие биле на неговата маса за време на претресот.

Се спомна и средба со мистериозен Евреин, кој наводно купил камче од Марковски, според обвинението.

Панов беше кус по тоа прашање, рече дека тоа не се случило.

Малку магија, малку полиција

Вело Марковски спомна наводна средба во кафуле, со купувач кој всушност бил инспекторот Сеад Аметовиќ – Мечка… Од Интерпол.

– Дали еден од купувачите беше инспектор од Интерпол, Сеад Аметовиќ – Мечка? – праша Марковски.

– Да. Седевме јас, Вело, тој и уште еден полицаец – одговори Панов.

Панов, исто така, потврди дека претходно имал контакт со обвинителката Маја Коневска.

„За давање – Вело“

Во завршниот дел од испрашувањето, Вело го праша Панов за тетратка (или лист) со наслов „За давање – Вело“, со предмети вредни повеќе од 50.000 евра. На листот или тетратката пишувало: 2 фигури Египет – 3.000 евра, 10.000 евра „мон. еги.“ (веројатно монети Египет), па имало прибор и некоја монета од 10.000 евра…

– Дали некогаш си ми кажал за оваа тетратка? – праша Марковски.

– Не.

– Што значи тоа „За давање – Вело“?

– Откога се скаравме, седнав дома, тоа е лист, не тетратка, од нервоза сум ги пишал сумите што ги кажуваш. Не се сеќавам како сум ги напишал. Оти не живеевме веќе, сум напишал некои без врска работи.

– Дали ги имаш тие монети или ти се од други извори? Дали за монети, што не знам дека постојат, ме задолжуваш за 30.000 евра?

– Тие што сум ги пуштил на Вибер, така се напишани тие цени, дека ги немам кај мене, туку се симнати од интернет – посочи Панов, кој низ целото судење алудираше дека сликите му се од интернет.

– Дали монетата од Египет за 10.000 евра… Дали станува збор за слика од убава златна монета што ми ја прати на Вибер, која јас и во распитот ја спомнав и за која прашав златар од стара чаршија… – не доврши Марковски, прекинат од судијката дека импутира одговори, а не поставува јасни прашања.

Нов круг во судскиот маратон за мистериозните кругови и „За давање – Вело“

Во обвинителниот акт се наведуваат комуникации за „фигури од антика“, за „монети Египет“ и за други мистични добра. Но, обвинетите тврдат дека станува збор за слики од интернет. Панов призна дека пишувал суми на некој лист хартија со наслов „За давање – Вело“, но рекол дека тоа било од нервоза, а не тетратка за тајна трговија, туку лист со гневни шкрабаници. Во делови од распитот, интересни беа деталите за мистичните огништа на 20 места, но и сведоштвата за уште неколку чудни и неверојатни настани.

Во судницата во која се зборуваше за фигури, антиквитети, фотографии од Афродита, сувенири, мистични кругови и огништа, лебдеше прашањето: дали ова е судење за сериозна криминална група или, пак, трогателна животна драма за неколкумина ентузијасти кои купувале евтини предмети и кои сега седат на клупа, оптоварени со сериозни обвиненија.

Можеби нешто повеќе за тоа ќе дознаеме на следното рочишта, односно во новата епизода од серијата „Верната дружина изматуфени ветерани во лов на скапоцено археолошко богатство“.

Share This Article