Воопшто не сум изненаден од говорите на Минхенската безбедносна конференција и од одредени промени на „ветриштата кои дуваат“, рече премиерот Христијан Мицкоски на панел дискусијата „Геостратегија и енергетска сигурност“, во рамки на Минхенската безбедносна конференција.
– Не сум изненаден од последните случувања и од најавите на американската администрација – рече Мицкоски.
Тој говореше за новите предизвици кои се исправаат пред НАТО, за плановите на Македонија во областа на енергетиката, како и за идните односи во Европа.
– Кога зборуваме за НАТО, не заборавајте дека мојата држава за да стане членка на НАТО го промени името. Кога се зборува за откажувања и за двојни стандарди, не треба да заборавиме на ова. Нашата посветеност за НАТО не може да се доведе во прашање, со многу страдање и понижувања станавме членка на НАТО – рече премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека кога се говори за двојни стандарди во политкиката треба да се има предвид македонското прашање, затоа што две декади кандидатскиот статус не може да се претвори во членство во ЕУ поради вештачките прашања кои се отвораат.
– Ги слушнав гласините во Минхен, за мешање во внатрешните прашања, но, кога го менувавме нашето знаме, кога ја менувавме валутата или кога го менувавме нашето уставно име, што беше тоа? Нели беше тоа мешање во внатрешните работи и зошто тогаш никој гласно не говореше? Дури и сега се соочуваме со барање за менување на Уставот пак, доколку сакаме да почнеме преговори со ЕУ. Што е тоа? Зарем не е тоа мешање во внатрешните работи – праша Мицкоски.
Ние сме дел од Европа и сакаме да ги аплицираме европските вредности, додаде тој.
– Но, она што се случува е нешто што е комплетно различно. Ние сме сведоци на т.н. балканизација на Европа, наместо на европеизација на Балканот. Некои балкански земји членки ги донесоа балканските спорови и балканските вредности во Брисел, наместо да е обратно. Вие рековте дека Русија го негира украинскиот идентитет, јазик, црква, ужасна инвазија која беше многу погрешна во 21. век, но, во исто време парламентот на една од најмладите членки на ЕУ го негира македонскиот идентитет, македонскиот јазик кој е официјален јазик на ООН од 1945 година и е меѓународно кодификуван од 1977 година. Тогаш, за што зборуваме? Зошто сите молчат тогаш – потенцира Мицкоски.
Тој посочи дека Македонија мора да добие извесност на својот пат кон ЕУ.
Во врска со енергетските планови и Македонија како крстосница Мицкоски рече Македонија има огромен потенцијал.
– Коридорот 8, кој ги поврзува Црното Море со Јадранското Море, е критичен не само за економијата туку и за НАТО, бидејќи создава силна транспортна оска од Исток кон Запад. Истовремено, модернизацијата на Коридорот 10 може да го промени начинот на кој суровините и производите патуваат низ Европа, намалувајќи ја зависноста од далечни пристаништа како Ротердам и Хамбург. Ако пристаништето во Солун стане клучна точка за транспорт, Македонија ќе добие значителна економска и геополитичка предност – рече Мицкоски на панел дискусијата во Минхен.