Сцената во којашто актерот Колин Фирт излегува од езеро во мокра кошула како господинот Дарси во британската филмска адаптација од 1995 година на романот „Гордост и предрасуди“ на Џејн Остин, е една од можеби најкултните во ова филмско остварување.

Таа кошула е продадена вчера на аукција во Лондон за околу 11.700 евра. Пред наддавањето, аукционерите ја проценија вредноста на кошулата меѓу 8.000 и 11.700 евра.

Кошулата е една од 60-те филмски и ТВ костими од наддавањето, а целиот приход е наменет за добротворни цели. На интернет-аукцијата што ќе трае до 10 март, се нудат и сценарија за филмови и ТВ-серии, како и сувенири од познати личности.

Во понудата, на пример се и оделото на Џони Деп од филмот „Заспаната долина“ и маскенбал-костимот на Хит Леџер од филмот „Казанова“. Целата колекција опфаќа повеќе од 400 години модна историја, со впечатливи барокни костими – до одела и тоалети од средината на 20. век.

Меѓу понудените предмети е и потпишаното сценарио за филмот „Љубов, всушност“, кое е подарок од авторите Ричард Кертис и Ема Фројд.