Честитки до сите православни верници во Република Северна Македонија, денеска бевме сведоци на историски чин за нашата македонска национална историја, објави на Фејсбук претседателот на државата Стево Пендаровски.
„Денеска, архиепископ г.г. Стефан на македонски јазик богослужеше заедно со Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј и архиереите на вселенската патријаршија. Нашата црква е во канонско единство во православниот христијански свет. Благодарност до Вселенскиот Патријарх г.г.Вартоломеј“, напиша претседателот.
Благодарност до Вселенскиот патријарх Вартоломеј за приемот на Охридската архиепископија во канонско единство со другите православни цркви, изрази попладнево и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој присуствуваше на заедничката литургија во Истанбул.
„Со ваквиот чекор се отстранува повеќедецениската изолација и се отвара патот за добивање автокефалност во периодот што следи“, напиша Османи на Фејсбук.