Двојазичниот обемен избор од поезијата на Ацо Шопов „Златен круг на времето – Zlati krog časa”, кој неодамна излезе во Словенија, беше промовиран вчера, сабота, 21 септември 2024 година, во Витешката дворана на Крижанке, престижен архитектонски комплекс прогласен пред десетина години за споменик на културата од национално значење, во Љубљана. Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков се обрати на промоцијата на книгата, а меѓу присутните гости беа и заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, македонскиот амбасадор во Словенија, Горан Милевски, претседателот на Сојузот на македонските културни друштва во Словенија, Бранислав Тасков, кои ја издадоа книгата, претставници на македонската дијаспора, професори, преведувачи и други личности од јавниот живот на Словенија.
Министерот Љутков упати благодарност до Сојузот на македонските културни друштва во Словенија за нивните заложби за промоција на македонската култура, до многубројните преведувачи, меѓу кои е и професорката по македонски јазик, книжевност и култура на Филолошкиот факултет во Љубљана, Намита Субиото, која е авторка на предговорот на оваа книга.
– Личностите како нив, кои се врвни професори и преведувачи на македонски јазик, се големо богатство за нас бидејќи сите тие се наши културни амбасадори. Македонската култура и македонскиот јазик живеат надвор од својата татковина благодарение на овие трајни пријателства и врски и ве уверувам дека и понатаму ќе работиме за тие да се унапредуваат и да се развиваат – нагласи министерот Љутков.
„Во присуство на голем број посетители, меѓу кои, покрај претставниците на македонската дијаспора се наоѓаа и писатели, преведувачи, членови на Словенечката академија на науките и уметностите, универзитетски професори и студенти, стихови од Шопов инспиративно читаа Соња Цекова Стојаноска и Намита Субиото, раководителка на Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, кој ја организа промоцијата во соработка со Сојузот на македонските културни друштва од Словенија, издавач на книгата“, соопшти Фондацијата „Ацо Шопов“.
– При одбележувањето на „Годината во чест на Ацо Шопов“, по повод 100 години од неговото раѓање, во 2023 година, ни се стори логично да се вклучиме во овој значаен јубилеј со објавување на двојазичен избор од неговата поезија и со него да потсетиме на одличните словенечки препеви на поети како Богомил Фатур, Иван Минати, Цирил Злобец, Северин Шали и Јоже Шмит, но и да ги претставиме и најновите препеви – изјави Намита Субиото, која е приредувач на изборот „Златен круг на времето” и, заедно со Маја Ковач и Соња Цекова Стојаноска, автор на најновите препеви.
Иницирана во јануари 2023 ггодина, во рамките на 3-та Зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, книгата е објавена во годината кога се навршуваат 8 децении од прогласувањето на македонскиот јазик за службен јазик во современата македонска држава и од објавувањето на првата поетска книга во слободна Македонија, „Песни“ од Шопов.
Книгата ќе им овозможи на Македонците што живеат во Словенија да го читаат Шопов и на словенечки и на македонски, а на оние што послабо го владеат мајчиниот јазик, да се доближат до оригиналите преку словенечкиот јазик, како што забележа министерот за култура Зоран Љутков.
– Ова квалитетно издание, кое е двојазичен избор од неговата поезија, на словенечки и на македонски, и во кое се помесетни како постари така и најнови препеви на поезијата на Шопов, придонесува за голема афирмација на македонскиот јазик, овде во пријателска Словенија, изјави Љутков. Горди сме на поединците од македонската културна средина како што е Ацо Шопов. Токму поради ваквите личности, во светот моќно одекнаа силината и убавината на македонскиот поетски збор – заклучи министерот.
За македонските личности од ковот на Шопов, кои се истакнале како на литературното така и на дипломатското поле, говореше заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски. Потенцирајќи ја успешната мисија на Ацо Шопов во Сенегал, Гамбија и Мавританија, во периодот од 1971 до 1975 година, тој забележа дека „таа и денес претставува вистински предизвик за анализа и несомнен пример за исклучително успешна дипломатска работа”.
– Станува збор за еден од најдобрите примери на културна дипломатија – истакна заменик-министерот кој го претстави Шопов како еден од „стожерите на македонската култура и на нејзината достоинствена и репрезентативна промоција во светот”.
Во рамките на својата работна посета на Словенија, во петокот вечерта во просториите на Македонското културно друштво „Св. Кирил и Методиј” во Крањ, министерот Љутков ја отвори и 8. јубилејна ликовна изложба на академскиот сликар и графичар, еден од најголемите во Словенија, Боге Димовски.
Македонскиот министер за култура и туризам ја поздрави посветеноста на Димовски во развојот на македонско-словенечката ликовна соработка, анимирањето на младите преку детската ликовна колонија, неговата теоретска и педагошка работа и активното и влијателно 50-годишно творештво.
– Сево ова говори за човек и уметник со визија, со уметнички и општествен ангажман што создава трајни врски меѓу неговата родна Татковина и државата која е неговиот дом – рече министерот Љутков во Крањ.
Тој додаде дека само со посветеност и љубов, словенечката и македонската култура се интегрираат, отвораат можности за соработка во туризмот и во другите сфери, создаваат нераскинливи врски кои се белег на одличната билатерална соработка.
Македонскиот министер за култура и туризам во текот на вчерашниот ден во Љубљана, заедно со словенечката министерка за дигитална трансформација, Емилија Стојменова-Дух присуствуваше на богослужба во македонската црква „Св. Климент Охридски” во Љубљана.
Во македонската Амбасада, министерот Љутков, заедно со заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, и со амбасадорот на РС Македонија во Словенија, Горан Милевски, се сретнаа со претставници на Сојузот на Македонците во Словенија. На средбата беше поздравена иницијативата за отворање на македонски Културно-информативен центар во Словенија, кој всушност претставува одговор на нивните потреби за континуирана реализација на повеќе проекти и содржини. Беше споделено и дека во наредниот период ќе се работи на новата Национална стратегија за соработка со дијаспората која ќе биде од големо значење за засилување на врските со дијаспората. Оваа стратегија ќе претставува дополнителен импулс за подобрување на соработката и комуникацијата со нашите иселеници, како и за поддршка на нивните потреби и иницијативи. На средбата беше упатена благодарност до претставниците на дијаспората за нивната посветеност и ангажман во афирмацијата на нашата држава и култура во Република Словенија.
Во реномираната сала „Цанкарјев дом” во Љубљана, вечер (22 септември) министерот Љутков, заедно со министри од словенечката влада, ќе присуствува на концертот на македонскиот културен амбасадор, Ансамблот за народни игри и песни „Танец”.