Асоцијацијата за е-трговија на Македонија неделава го одржа своето Годишно Собрание, во онлајн формат во присуство на членовите, поддржувачите, партнерите и соработниците на АЕТМ. Покрај Претседателката на АЕТМ, Д-р Нина Ангеловска во првиот дел поздравни обраќања имаа и регионалната директорка на Mastercard за Бугарија, С.Македонија, Албанија и Косово – г-ѓа Вања Манова и проектниот менаџер во Германското друштво за интернационална соработка – ГИЗ – г-дин Вартан Сурмејан.
Во својот поздравен говор Претседателката на АЕТМ упати благодарност кон членките од бизнис секторот, донаторите и институциите кои го препознаваат потенцијалот на АЕТМ и активно придонесуваат за развојот на е-трговијата во нашата земја.
“Асоцијацијата за е-трговија работи речиси 5 години со заложби за забрзување на развојот на е-трговијата и трансформацијата кон дигитално општество. АЕТМ има многу силни страни кои ги црпи од довербата и поддршката од членството, приватниот сектор и донаторите до силна регионална мрежа и цврсти релации со сите засегнати страни и капацитетен тим кој презема акција за адресирање на пречките и бариерите кои стојат на патот. Агилноста, флексибилноста и способноста за постојано надградување се клучни за одговарање на предизвиците со кои се соочува е-трговијата. Македонската е-трговија расте со забрзана динамика по COVID-19, но темпото не е на задоволително ниво ако се споредиме со другите земји и ако го имаме предвид поширокиот контекст и неискористен потенцијал, бидејќи споредувањето сами со себе од претходната година не е доволно. Секогаш може повеќе и секогаш може подобро.” – истакнува Ангеловска, Претседателката на АЕТМ
Mastercard e генерален партнер и поддржувач на АЕТМ од самите почетоци и со нивна поддршка се реализираат голем број иницијативи на АЕТМ, меѓу кои годишната конференција за е-трговија, сеопфатните анализи на пазарот на е-трговија во земјава и многу други.
Директорката на Mastercard Вања Манова го изрази задоволството од соработката со АЕТМ – “Горди сме што ја поддржуваме работата на македонската асоцијација за е-трговија која воедно е една од најактивните асоцијациии во Европа која испорачува резултати.”
Германското друштво за интернационална соработка – ГИЗ е парнер и поддржувач на регионалните активости на АЕТМ, со чија поддршка тековно се реализира проектот за развој на интернационална веб платформа за е-трговија наменета за пазарите кои се дел од ЦЕФТА (ecommerce4all.eu), која ќе биде наскоро достапна за употреба во регионот и се реализираа првите “E-commerce Awards” – Награди за е-трговија во Македонија.
“Отворениот регионален фонд за меѓународна трговија имплементиран од ГИЗ ја поддржува деловната заедница од областа на е-трговијата во рамките на ЦЕФТА економиите да оствари поголема вклученост во регионалните трговски процеси. Оваа поддршка се реализира со размена на добри пракси помеѓу асоцијациите за е-трговија во регионот и овозможување на информации за компаниите во делот на правната регулатива за онлајн тргување. Нашите заеднички заложби со Македонската асоцијација за е-трговија се однесуваат на градење основа на која ќе можеме да воспоставиме окружување кое ќе ја подобри конкурентноста и ќе креира можности за интеграција во регионалите но исто така и во глобалните пазари. Проектот е финансиран од Германското министерство за економска соработка и развој (BMZ).” истакна проектниот менаџер во ГИЗ, Вартан Сурмејан.
По завршувањето на воведните обраќања, продолжи работниот дел на Собранието каде беше даден осврт на сработните активности во изминатата 2021 година, беше презентиран и усвоен планот на активности за 2022 година и беше изгласана одлуката за избор на органите на управување на АЕТМ. Ангеловска беше повторно избрана за Претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и воедно член на Управниот Одбор, а покрај неа за членови на УО беа избрани Виктор Стојкоски, Филип Чижбановски, Снежана Станковиќ, Миле Бошков, Дамјан Дано и Бојан Тодоровски.
Согласно планот на активности, во 2022 година дел од активностите на Асоцијацијата се насочени кон реализација на две нови иницијативи – организација на првите награди за е-трговија во Македонија и започннување со нова иницијатива „Алијанса за родова еднаквост на работното место“ (анг. Gender Equality Alliance – GEA), со која АЕТМ ќе се стреми да придонесе кон еднакво вреднување на трудот, еднакви можности и еднаква застапеност на мажите и жените на работното место; како и кон реализација на двете тековни годишни иницијативи – организација на петото, јубилејно издание на Конференцијата за е-трговија и објава на најновата годишна анализа за е-трговија. Покрај ова, дел од активностите на АЕТМ се насочени и кон реализација на проектите започнати во 2021 година – иницијативата “Agri e-commerce” за зајакнување на дигиталните вештини на домашните агро-производители и пласирање на нивните производи на дел од најпознатите веб платформи за е-трговија и започнување со развој на регионална веб платформа за е-трговија за пазарите кои се дел од ЦЕФТА.
Инаку, во 2021 година Асоцијацијата активно работеше на реализација на бројни иницијативи меѓу кои: воведување на првиот “Беџ за верификуван е-трговец”, организација на првиот виртуелен хакатон за борба против сивата економија во е-трговијата, започнување на иницијативата “Agri e-commerce”, организација на четвртата годишна конференција за е-трговија, изработка на годишната анализа за е-трговија итн.