Заврши шеснаесеттата седница на Советот на Општина Охрид . Советниците дадоа „зелено светло“ за 42-те точки на дневен ред,а се однесуваа на работата и функционирањето на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ како и точки од урбанистичката сфера.
Советниците дадоа можност за формирање групи во ЈОУДГ „Јасна Ристеска“- Охрид, со помал односно поголем број деца од законски утврдениот број, зависно од потребите и барањата на родителите, а меѓу повеќето точки беа изгласани и Предлог Одлуките за разрешување и именување членови во управниот и надзорниот одбор на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“. Со мнозинство гласови беше изгласана и Предлог Одлуката за давање согласност на годишен план за вработување на ЈП „Билјанини Извори“ за 2023 година. Станува збор за лица кои повеќе години се работно ангажирани во ова претпријатие со договор на дело односно имаат нерешен статус.
Беа изгласани и Предлог одлуките кои беа на дневен ред од урбанистичката сфера меѓу кои беше и Предлог Одлука за утврдување начин на применување на „План за управување со светско природно и културно наследство на Охридскиот регион со акциски план (2020-2029)“ при донесување и спроведување на генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за вон населено место, урбанистички план за село и урбанистички проект вон опфат на урбанистички план при планирање на намена е 1.13-фотоволтаични електрани. Беа изгласани и точките кои се однесуваа на Предлог Одлуките за донесување на план за парцелација од урбанистички проект со план за парцелација за поместување на границата на неколку градежни парцели поради неусогласеност на градежната со катастарката парцела.
Советниците едногласно ги поддржаа и Предлог Одлуките за утврдување потреба од донесување урбанистичко – планска документација со цел вклопување на бесправно изградени објекти на неколку Катастарски Парцели во различни Ктастарски Општини.