Се очекува шкотската премиерка Никола Старџен да поднесе оставка. Според британските медиуми, лидерката на Шкотската национална партија ова ќе го соопшти денеска на вонредна прес-конференција во нејзината официјална резиденција Буте Хаус во Единбург. Засега не е јасно кога точно ќе ја напушти функцијата и што ја навело до одлуката да си замине.
Шкотската премиерка Никола Старџен се очекува денеска да поднесе оставка, јавува британски Би-Би-Си. Како што изјавил за овој британски медиум извор близок до шкотската премиерка, Старџен објавила дека „и е доста“. Таа беше премиер повеќе од осум години.
Старџен се искачи на раководството на владејачката Шкотска национална партија (СНП) во 2014 година по референдумот за независност на кој 55 отсто од луѓето гласаа за останување во Обединетото Кралство.
Неодамна, шкотската премиерка беше вмешана во контроверзии околу нејзината трансродова политика. Шкотска го одобри законодавството кое им овозможува на луѓето побрзо да го регулираат правниот статус на својот родов идентитет, јавува новинската агенција Ројтерс.
Како што наведува и Би-Би-Си, не се очекува премиерката веднаш да си замине, но најверојатно ќе се збогува со владата кога ќе се знае името на нејзиниот наследник. Повеќе детали ќе бидат соопштени наскоро на прес-конференцијата.