Дијалогот меѓу Белград и Приштина на највисоко ниво продолжи во Охрид под покровителство на Европската Унија, а во фокусот на средбата беше финализирањето на Анексот за имплементација на Договорот за патот кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија. Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Аљбин Курти одвоени се сретнаа со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Јозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Белград-Приштина Мирослав Лајчак, а трилатералната средба започна нешто пред 15:30 часот.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Аљбин Курти усно се согласија со овој договор на претходната средба, на 27 февруари во Брисел, но, според шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, сепак треба да се договорат за патоказ за негово спроведување. .
Српскиот претседател Александар Вучиќ прво се сретна со северномакедонскиот премиер Димитар Ковачевски. Македонскиот премиер разговараше и со Аљбин Курти, како и со високиот претставник на ЕУ Јозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Белград-Приштина Мирослав Лајчак.
Извештајот за денешните преговори меѓу Вучиќ и Курти треба да се разгледува на состанокот на Европскиот совет на 23 и 24 март.