Американската јавност повторно изрази загриженост за возраста на најверојатните кандидати за претседател од Републиканската и од Демократската партија Доналд Трамп и Џо Бајден, откако обајцата изминатиот викенд направија гафови.
Трамп (77) и Бајден (81) се најстарите луѓе кои се кандидирале за претседател во историјата на САД.
– Путин има толку малку почит кон Обама што почна да се расфрла со зборот нуклеарно. Сте го слушнале. Нуклеарно. Сега почнува да зборува за нуклеарно оружје – рече Трамп прексиноќа во Ричмонд.
Ове е третпат во последните шест месеци да го смеша Бајден со поранешниот претседател Барак Обама. Меѓу другите гафови на поранешниот американски претседател е и мешањето на неговата републиканска ривалка Ники Хејли со поранешната претседателка на Претставничкиот дом Ненси Пелоси.
Грешката на Трамп дојде еден ден откако Бајден двапати ги збрка Украина и Газа кога објави дека САД ќе доставуваат хуманитарна помош по воздушен пат до Палестинците во Газа кои гладуваат поради израелските бомбардирања и блокади.
– Во наредните денови ќе им се придружиме на нашите пријатели во Јордан и на другите кои со авион испраќаат дополнителна храна и залихи во Украина – рече Бајден во петокот. САД „ќе се обидат да отворат други патишта кон Украина, вклучително можеби и поморски коридор“, додаде тој.
Официјален претставник на Белата куќа подоцна појасни дека Бајден мислел на Газа, а не на Украина. Гафот беше преработен во транскриптот од неговите забелешки.