Министерството за внатрешни работи, со поддршка на Јавното обвинителство за сузбивање криминал со наместени натпревари во професионалните лиги, денеска во Скопје спроведе голема акција за проверка на документацијата во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), за местени натпревари во кои се вклучени македонски клубови.
Според информации добиени од вработени во Фудбалската федерација на Македонија, припадници на МВР во текот на денешниот ден влегле во просториите на ФФМ со цел прибирање на информации за клубови, натпревари и за официјални лица, објави порталот Скопје Инфо.
Акцијата на МВР е спроведена по добиени информации и препораки од „Спортрадар“, тело на Интерпол и УЕФА чија цел е борбата против наместени натпревари. Случувањата во Македонија следат по претходни акции во регионот, но и Европа.
Во истрагата се опфатени 5 македонски клубови – Шкупи, Македонија ЃП, Воска, Академија Пандев (Брера), Силекс, како и второлигашите Победа и Арсими. Под истрага се натпревари кои се одиграни во Македонија и домашните натпреварувања во оваа и во минатата година, пренесува Скопје Инфо.
Пред шест години единаесет лица беа уапсени во меѓународната полициска акција на Словенија, Хрватска и Еуропол насочена против корупцијата во спортот. Слична ваква акција беше спроведена минатата година во соседна Србија, по чие завршување неколку клубови беа исфрлени од Првата лига.