Хидроиженери прераспределени во чуварски куќички и препумпни станици иако во договорите за работа не стои тоа како нивна задача, директори задолжени да бидат магационери, возачи на специјални возила стојат во базата затоа што не му се бендисуваат на директорот на „Водовод и канализација“.
Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на РМ (СУТКОЗ) денеска упати низа забелешки на работата на в.в. директорот Марјан Митовски кој на повеќе од 30 работници им дал решенија кои не соодветствуваат на договорите за работа кои ги потпишале при вработувањето и не се во согласност со актуелната систематицазија на рабоните места.
Синдикатот даде рок до среда градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска да го разреши Митовски поради кршење на работничките права, за да не се доведе водоснабдувањето на Скопје во прашање поради незадоволство на работниците и целосна блокада на компанијата и владата.
– Ги повикувам и градоначалничката и Советот на Град Скопје, а денеска ќе повикаме и на итна седница на Управниот одбор на „Водовод и канализација“ да го разреши овој човек кој уште неседнат како вршител на должност прави раздор и селекција на вработените и не си ги извршува работните задачи согласно закон и колективен договор. Градоначалничке, Совет на Град Скопје, немојте да дозволите како што вчера што немавте градски превоз да се доведете да немате ниту вода за пиење во Градот Скопје – рече првиот човек на СУТКОЗ, Дарко Димовски, на прес-конференција пред просториите на скопски „Водовод“.
Тој рече дека незаконските одлуки на в.д. директорот во „Водовод“ е потврдено и со одлуки на управен и трудов инспекторат, а и од судот кој вратил дел од истераните работници од компанијата кои, како што рече, не се вратени на работа, бидејќи тоа не го дозволува директорот.
Одговарајќи потоа на новинарски прашања, тој се дообјасни и рече дека Синдикатот не се заканува дека ќе го прекине водоснабдувањето за скопјани туку дека тоа може да го направат незадоволни работници.
– Ние не викаме дека ќе го прекинеме снабдувањето со вода, велиме да не се доведе во ситуација како незадоволни работници да го направат тоа, да не дојдат на своите работни места – рече Димовски.