27 април е најцрниот датум во историјата на македонската демократија, 27 април е крвавиот печат на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова се вели во соопштението на СДСМ, што го пренесуваме во целост:
„ВМРО-ДПМНЕ поттикна вооружени насилници да упаднат во Собранието обидувајќи се да убијат пратеници, да повредат новинари и вработени во собраниските служби, да го урнат уставниот поредок и да предизвикаат и граѓанска војна.
Денес, тие насилници кои беа придружувани и од самиот Христијан Мицкоски пред македонското Собрание, ВМРО-ДПМНЕ ги нарекува уставобранители, дури бараше и нивна амнестија, што само покажува дека ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа е насилничка партија, која сака одново да гази врз слободата, врз демократијата, да се пресметува со неистомисленици, да шири омраза и поделба меѓу граѓаните.
СДСМ, заедно со граѓаните нема да дозволи да се заборави 27 април, нема да дозволи никогаш да се повтори.
Шест години по „крвавиот четврток“ во ВМРО-ДПМНЕ нема ниту ронка каење или извинување за теророт што оваа партија го создаде само за да не ја предаде власта.
Напротив, не само што нема извинување или осуда, туку партијата предводена од Христијан Мицкоски ги слави и наградува извршителите на грозоморниот чин и се залага за нивна амнестија.
Последен пример за тоа е одлуката на мнозинството од ВМРО-ДПМНЕ и Левица во Советот на општина Битола парично да ги награди осудените лица за 27 април.
ВМРО-ДПМНЕ и Левица злоупотребија народни пари за да наградуваат осудени лица и партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа е вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ – насилничка, режимска партија на страната на криминалот и криминалците, секогаш против интересите на граѓаните и државата“.