Саудиска Арабија ја предупредила Германија за човекот осомничен дека го извршил терористичкот напад на божиќниот пазар во Магдебург, објавија германските медиуми според безбедносни извори од Саудиска Арабија.
„Саудиска Арабија побара екстрадиција на осомничениот, именуван според германските закони како Талеб А., но Германија не одговори“, велат изворите.
Тие рекоа дека човекот бил шиит муслиман кој потекнува од градот Ал-Хофуф во источна Саудиска Арабија. Шиитите се малцинство во таа земја, сочинуваат само околу 10 проценти во мнозинската сунитска нација.
Германските власти биле известени за мажот пред околу една година, дознава агенцијата ДПА, но природата на предупредувањето засега е непозната.
Приведениот осомничен е 50-годишен лекар, психијатар.
Тој е познат како активист кој го критикува исламот и пристигнал во Германија во 2006 година. ДПА дознава дека поднел барање за азил во февруари 2016 година и дека добил статус на политички бегалец во јули истата година.
Вчеравечер Талеб А. со автомобил влета во толпа луѓе на божиќниот пазар во Магдебург, околу 150 километри западно од Берлин. Најмалку пет лица загинаа, меѓу кои и едно дете, а повеќе од 200 се повредени.
Психијатарот Талеб А. (50), на некој начин го најавувал масакрот што го направи преку бројни објави на социјалните мрежи.
Германските медиуми ојавуваат дека пред нападот, Талеб А. во стотици објави на својот профил на Икс тврдел дека имало заговор на германските власти против бегалците од Саудиска Арабија. Тој, исто така, често се осврнувал на „тајни операции“. Тој отворено ја призна својата омраза кон исламот и рече дека бара одмазда за, како што тврди, желбата на Германија да ја „исламизира“ Европа.
Тој, наводно, ја обвинил Ангела Меркел, поранешната германска канцеларка, дека сака да ја „исламизира“ Германија со нејзината одлука да ги задржи границите на земјата отворени за бегалците во 2015 година, што доведе до стотици илјади пристигнување од Блискиот Исток, особено од Сирија и Ирак.
Во една од своите објави на Икс на 13 август тој на арапски напиша: „Ве уверувам: ако Германија сака војна, ќе ја добие. Ако Германија сака да нè убие, ќе ги заколеме, па ќе умреме или ќе одиме во затвор гордо“.