Сателити за откривање на истекување на метан од инфраструктурата на фосилни горива регистрирале 127 големи столбови од гасот на четири континенти, за што се известени релевантните влади – стои во извештајот на Обединетите нации што е објавен денеска.
Метанот е стакленички гас и неговото влијание врз глобалното затоплување е исклучително силно во последните 20 години. Емисиите на стакленички гасови од согорувањето на фосилните горива се одговорни за приближно една третина од глобалното затоплување на планетата.
Програмата на ОН за животна средина (УНЕП) го воспостави Системот за предупредување и одговор за метан (МАРС) во 2021 година како дел од ветувањето на повеќе од 150 земји за намалување на емисиите на метан за 30% до 2030 година.
Во извештајот, УНЕП вели дека системот бил целосно оперативен и им дал на компаниите и владите сателитски снимки на кои се гледа како истекува метан од инфраструктурата на фосилни горива – неколку метрички тони метан на час.
– Секој килограм метан е важен, но од нашите сателитски снимки гледаме екстремно големи емисии – вели Манфреди Калтагироне, раководител на Опсерваторијата за емисии на метан на УНЕП.
Ограничувањето на истекувањето на метан преку намалување на рутинското палење на гас во процесот на производство на нафта во наоѓалишта на нафта и гас е еден од најбрзите начини за намалување на емисиите на овој гас, кои често се невидливи со голо око и обично без мирис.
„Сателитските снимки забележаа 127 од најголемите одливи на метан во 2023 година, од кои некои се чинеше дека се краткотрајни и затоа е тешко да се следат. Ваквите суперемисии се одговорни за 8 до 12% од емисиите на метан од нафтената и гасната индустрија. Еден таков столб во Аргентина, откриен во март 2023 година, испуштал 5,8 метрички тони метан на час. Таа количина одговара на емисиите на 100 патнички возила годишно“ – се истакнува во извештајот.
Претставниците на овогодинешниот самит за климата COP28 во Дубаи побараа практични решенија за намалување на емисиите на метан.
Некои од овие решенија треба да бидат финансиска помош за земјите во развој и националните регулативи за секторите што испуштаат метан, како што се индустријата за нафта и гас и земјоделството.