Сателит без контрола, познат како ERS-2, кој беше лансиран пред речиси 30 години, според научниците денеска ќе падне на Земјата. Европската вселенска агенција (ESA) истакнува дека е невозможно точно да се предвиди кога и каде ќе се случи тоа, бидејќи повторното влегување во атмосферата е природно и неконтролирано од луѓето.
ERS-2 треба да се распадне на парчиња, а повеќето од тие парчиња треба да изгорат за време на минување низ атмосферата.
ЕСА ја објави својата најнова прогноза во понеделникот, предвидувајќи дека сателитот повторно ќе влезе во атмосферата во среда во 15 часот и 19 минути по Гринич, што е 16 часот и 19 минути по наше време, со можно отстапување од 19 часа поради непредвидливата сончева активност.
Сателитските фотографии, направени меѓу 14 јануари и 3 февруари, покажуваат дека ERS-2 бил на надморска височина од повеќе од 300 километри. Моментално е на надморска височина од околу 200 километри и паѓа со брзина од над 10 километри дневно, со рапидно забрзување. Се очекува да почне да се распаѓа кога ќе достигне надморска височина од 80 километри, а потоа поголемиот дел од него ќе изгори при повторното влегување во атмосферата. Иако постои можност некои фрагменти да стигнат до површината на Земјата, тие најверојатно ќе паднат во океанот.
ЕСА тврди дека ризиците поврзани со падот на сателитот на копнениот дел од земјата се „многу ниски“ и дека фрагментите не се ниту токсични ниту радиоактивни.
ERS-2 беше лансиран на 21 април 1995 година, а неговата мисија заврши во 2011 година. По 16 години работа, ЕСА одлучи да го извади од орбитата за да ги намали шансите да се судри со други објекти во вселената.