Сараево трет ден по ред, е еден од градовите со највисоко ниво на загаденост на воздухот во светот. На рангирањето на веб-страницата AirVisual, главниот град на Босна и Херцеговина, утрово беше трет најзагаден град во светот, зад пакистанскиот Лахоре и индиски Њу Делхи. Поради алармантната состојба со загадениот воздух и првичните препораки до жителите што помалку да останат на отворено, локалните власти во Сараево прогласија вонредна состојба.
Тоа значи забрана за сообраќај низ градот за возила со мотори ЕУРО 3 и каде што е можно исклучување на сите објекти кои го загадуваат воздухот со испуштање прашина.
Индексот на загаденоста на воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина изнесуваше 295 и беше на ниво што укажува на многу нездрав воздух. Најголем проблем и понатаму е концентрацијата на опасните микрочестички прашина со ознака ПМ 2,5, бидејќи во воздухот ги има 245 микрограми на метар кубен, што е 49 пати повеќе од количината што ја толерираат стандардите на Светската здравствена организација.
Таквата концентрација на овие честички прашина е категоризирана како опасна по здравјето.
Високиот степен на концентрација на штетни материи во Сараево е влошен и од временските услови во кои се случуваат температурни инверзии, така што температурите во котлината се значително пониски од оние во околните планини, што создава густа покривка од магла над градот, а таму нема ветер да го растера.
Метеоролозите прогнозираат дека во петок може да се очекува малку засилен ветер со врнежи од дожд, што треба да придонесе за подобрување на квалитетот на воздухот.