Во октомври годинава се издадени 325 одобренија за градење, што е за 12,9% помалку во однос на октомври лани, објави денеска Државниот завод за статистика.
Предвидената вредност на објектите изнесува 7.539. 575.000 денари и е за 47, 7 % помалку во однос на истиот месец од претходната година. Како што појаснува ДЗС, намалената вредност се должи на издаденото одобрение за градење на пругата Бељаковце – Крива Паланка во октомври претходната година.
Најмногу одобренија во октомври годинава се издадени во Скопскиот, 76, Полошкиот, 75, по што следуваат Вардарскиот, 37, Југоисточниот, 34, Пелагонискиот 30, … Најмалку дозволи за градба и во октомври има во Североисточниот, каде што биле издадени 13.
Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 187 (57,5%) се наменети за објекти од високоградба, 80 (24,6%) за објекти од нискоградба и 58 (17,8%) за објекти за реконструкција.
На 175 (53,9%) од објектите инвеститори се физички лица, а на 150 (46,1%) се деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 790 станови, со вкупна корисна површина од 71.091 квадратни метри.
Во Скопскиот регион ќе се градат 323 нови станови, од кои 194 во Општина Гази Баба, 53 во Центар, 51 во Петровец. Во Вардарскиот регион, пак, ќе се градат 209 нови станови, од кои 206 се во Општина Кавадарци. Нови 100 станови ќе има и во Полошкиот регион, од кои половината во Гостивар.