САД денеска соопштија дека „не ја охрабруваат” Украина да изврши напади против Русија по нападите со беспилотни летала на неколку руски воздухопловни бази за кои се смета дека дошле од Киев, јави Бета.
– Ние не и помагаме на Украина да организира напади надвор од нејзините граници. Сè што правиме, се што прави светот за да ја поддржи Украина оди во прилог на поддршката за независноста на Украина – рече портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс.
Тој не ги припиша новите напади со беспилотни летала на Киев, кој не презеде одговорност за нападите. Русија извести дека три лица загинале, а два авиона биле оштетени во еден од тие напади чија цел биле бази на нејзина територија.
– Ние ја снабдуваме Украина со она што треба да се користи на нејзината суверена територија, на украинска територија, за да се соочи со рускиот агресор – рече Нед Прајс.
Украинското Министерство за здравство вечерва соопшти дека побарало од своите регионални претставници да размислат за привремено прекинување на планираните операции додека не се стабилизира ситуацијата со снабдувањето со електрична енергија.