Соединетите Американски Држави и Шведска во вторникот потпишаа Договор за одбранбена соработка, соопшти американскиот Стејт департмент. Договорот претставува уште еден чекор во зајакнувањето на воените сојузи на нордиската земја додека чека одобрение за влез во НАТО.
„Шведска е силен, способен одбранбен партнер кој ги претставува вредностите на НАТО и дополнително ќе ја зајакне Алијансата откако ќе влезе во НАТО“, се вели во писмената изјава на Стејт департментот. „Членството на Шведска ќе ја зајакне нашата колективна одбрана и ќе ја зголеми нашата способност да одговориме на безбедносните предизвици во евроатлантската област“, пренесува Ројтерс.
Шведскиот министер за одбрана Пал Јонсон рече дека се надева оти пристапувањето ќе се случи „што е можно поскоро“, но одби да процени кога Турција и Унгарија – единствените две членки на НАТО кои сè уште не и дале зелено светло на Шведска – би можеле да ја дадат својата поддршка.