Соединетите Американски Држави (САД) одобрија трансфер на американски борбени авиони Ф-16 во Украина од Данска и Холандија, јави Би-Би-Си.
„На овој начин Украина може целосно да ги искористи своите нови можности“, објави американскиот Стејт департмент, а пренесува британскиот јавен сервис.
Се наведува дека трансферот на борбени авиони ќе се случи кога украинските пилоти ќе бидат обучени да управуваат со нив и дека САД им дале на Данска и на Холандија формални гаранции за трансфер на Ф-16.
Би-Би-Си додава дека се верува дека Холандија има 24 оперативни Ф-16 кои треба да бидат повлечени и заменети со понапредни авиони, додека Данска исто така планира да ја надгради својата флота од околу 30 ловци Ф-16 од американско производство.
Русија, која ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година, досега не го коментираше ова прашање.
САД и нивните сојузници претходно одбија да испорачаат Ф-16 на Украина, плашејќи се дека тоа ќе доведе до дополнителна ескалација на ситуацијата со Русија, која исто така има нуклеарно оружје во својот арсенал.
„Ја поздравуваме одлуката на Вашингтон да го отвори патот за испраќање Ф-16 во Украина“, изјави холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хоекстра на платформата „Х“, порано позната како Твитер.
Вршителот на должноста министер за одбрана на Данска, Троелс Поулсен, во јули изјави дека се надева дека резултатите од обуката на украинските пилоти на Ф-16 ќе се видат на почетокот на 2024 година.
Портпаролот на украинските воздухопловни сили Јуриј Ихнат оваа недела изјави дека Киев нема да може да лета со Ф-16 следната есен и зима.
Членките на НАТО, Данска и Холандија ги предводат напорите за обука на украински пилоти и поддршка на персоналот за одржување на авиони за да и овозможат на Украина да добие Ф-16 за помош во војната со Русија.