Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили, во моментов лидер на грузиската опозиција, денеска изјави дека повторно почнува штрајк со глад, во знак на протест против условите во затворот.
– Почнувам штрајк со глад – изјави Саакашвили пред судот во Тбилиси, барајќи „соодветна медицинска нега“ во затворот.
Саакашвили, кој беше уапсен на 1 октомври минатата година, откако се врати во Грузија по осумгодишниот егзил во Украина, претходно издржа 50-дневен штрајк со глад во знак на протест против неговото апсење, врз основа на пресудата од 2018 година за злоупотреба на службената положба.
Поранешниот грузиски претседател, кому му се судеше во отсуство, смета дека судењето е политички мотивирано.
По првиот штрајк со глад, Саакашвили пред судот на крајот на ноември изјави дека трпи психичка тортура, како што се заканите и недозволување да спие.
Организациите за човекови права потоа ги обвинија грузиските власти дека користат различни кривични пријави за да ги казнат политичките неистомисленици и медиумите кои ги критикуваа.