Пратениците денеска во рамки на 63-та седница дискутираа за Предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.
Владата на седницата одржана на 10 февруари 2022 година го разгледа записникот од третата седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи и го прифати предлогот на овој Управувачки комитет и ја утврди потребата да се продолжи кризната состојба до 30 април 2022 година. Собранието треба да ја донесе Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје поради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија, во времетраење до 30 април 2022 година.
Министерот за економија Крешник Бектеши образложи доколку оваа криза би била оставена на одговорност на Град Скопје и со оглед на инфраструктурата на десетте скопски општини, тогаш би пропаднал целиот електроенергетски систем во земјава поради тоа што трафостаниците во овие општини не се во состојба да добијат дополнителен капацитет ако се премине од централно греење со топлинска енергија во греење со електрична енергија. Тој ги повика пратениците да ја поддржат оваа Предлог-одлука.
Во дебатата ставот на опозицијата беше дека граѓаните не треба да плаќаат повисоки сметки поради, како што велат, недомаќинското работење на Владата и немањето концепт. Пратениците од владејачкото мнозинство сметаат дека Влдата на време и ефикасно одговара на сите предизвици, во интерес на граѓаните и стопанството.
Џафери информира дека за збор се пријавени 34 пратеници, а оваа одлука треба да се донесе најдоцна до утре. Потсети дека со истекот на рокот на кризната состојба, прогласена од Владата, и пред истекот на тој рок, Парламентот има обврска да ја разледа одлуката и да ја прифати или да ја одбие.
Пред усвојување на дневниот ред, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски предложи дневниот ред да се дополни со Предлог- закон за дополнување на законот за пензиско и инвалидско осигурување, по скратена постапка. Информира дека овој закон го поднела нивната пратеничката група на 11.02.2022 година и посочи дека пет дена се доволни за превод на три листа текст. Потенцира декан се работи за сериозна тема, која е од витално значење за околу 325 илјади пензионери во државата. Овој предлог не беше усвоен бидејќи 37 пратеници гласаа „за“, 61 беа против, а воздржани немаше.
Претседателот на Собранието Талат Џафери информира дека материјалот вчера е доставен до пратениците и изрази надеж дека оваа точка ќе се разгледува на наредната седница.
Не беше усвоен и предлогот на пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ предложи како втора точка на дневен ред да се стави Предлог-законот за дополнување на законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, во скратена постапка. Соопшти дека ова законско решение е поднесено на 14.02.2022 година кое, како што рече, е за елиминирање на досегашната нееднаквост на исплатите на платите во републиката и за создавње правна сигурност, со која платите во образованието ќе се усогласат со колективните договори. Џафери рече дека истиот закон се наоѓа во парламентарна процедура и е „заглавен“ на комисија и ќе биде подготвен за наредната седница. Додаде дека законот не се става на гласање зошто нема материјал за гласање.
Пратениците не го поддржаа и предлогот на пратеничката Иванка Василевска, која побара како прва приоритетна точка на дневен ред да биде ставена Декларацијата по повод 150-годишнината од раѓање на Гоце Делчев. Апелираше до сите пратеници да ја поддржат оваа Декларација во име на, како што рече, чествувањето на великанот Делчев, а Џафери рече дека предлогот нема да се стави на гласање.
Пратениците се на редовна пауза, а седницата ќе продолжи по еден и пол час