Руските власти почнаа со целосно уништување на разурнатиот театар во Мариупол, изјави помошникот на градоначалникот кој е во егзил, јавува Би-Би-Си. Петро Андриушченко ги обвини руските власти дека се обидуваат да го прикријат убиството на цивилите кои загинаа кога руските воени авиони го бомбардираа театарот во март годинава.
Неодамна беа поставени тараби околу урнатиот театар, а беше објавено видео на кое се гледа како булдожер го урива задниот дел од зградата. Андриушченко рече дека Русите планираат да го остават предниот дел на театарот недопрен и да го уништат остатокот од структурата за да изградат нов театар „на коските на жителите на Мариупол“.
Околу урнатините на театарот беше поставен параван со фотографии од личности од руската култура.
Пред Русија да ја нападне Украина во февруари и да го окупира Мариупол, театарот беше центар на животот на градот. Оваа година, руската посредничка влада, која управува со градот и окупираниот регион Доњецк, им вети на жителите на градот алтернативна забава, оживување на иконскиот советски мјузикл од 1960-тите наречен „Музичарите од градот Бремен“.
Наместо во бомбардираниот театар, претставата беше поставена на еден километар во Палатата на пионерите. И сето ова е далеку од она каква блескава новогодишна прослава се одржа лани во градот.
На почетокот на овој месец, новинарите на Асошиејтед Прес користеа сателитски снимки и проценија дека на гробиштата во Мариупол биле ископани 10.300 нови гробници. Би-би-си во ноември објави дека очевидци виделе како Руси ги извлекуваат телата на мртвите од урнатините на уништените згради и ги носат до местото на погреб.
Украинските власти веруваат дека 25.000 луѓе загинале во борбите во градот.
По неколкумесечни борби и опсада на Мариупол, руските сили ја вратија контролата над градот кога украинските борци конечно се предадоа во железарницата во Азов.
На 16 март руски воени авиони фрлија две бомби од 500 килограми врз градскиот театар и овој напад се смета за јасно воено злосторство.
Цивилите го користеле театарот како засолниште за време на опсадата. Пред театарот има големата табла на која на руски јазик е напишано „деца“.
Околу 1.200 луѓе биле во театарот кога го погодиле бомбите, а властите веруваат дека загинале 300 луѓе, додека Асошиејтед Прес објави дека имало двојно повеќе од таа бројка. Повеќето од телата биле пронајдени во подрумот.