Руските специјални служби добиле информации од САД дека се подготвува терористички напад на руска територија, конкретно во Москва, но информациите биле игнорирани од руските разузнавачки служби, објави портпаролката на Советот за национална безбедност на Белата куќа Адриен Вотсон.
Извор од руските специјални служби потврди за ТАСС дека такви информации се добиени од САД, но како што додал, тие биле од општа природа, без конкретни детали, па затоа не биле сериозно разгледувани.
Предупредувањето од САД дошло до руските служби на 7 март. Американската амбасада во Русија на почетокот на март ги предупредила американските граѓани да избегнуваат големи собири во Москва поради извештаите дека екстремистите имаат непосредни планови за напад.
Во пораката се наведувало дека „екстремистите планираат да нападнат големи собири на луѓе во Москва, вклучително и концерти, во блиска иднина“.
„Њујорк тајмс“ пишува и дека, покрај јавното предупредување на 7 март, американските власти и приватно ги информирале своите руски колеги за разузнавачките информации што укажуваат дека нападот е неизбежен. Истражителот Христо Грозев објави дека Амбасадата на САД го предупредила дека поседува „одредени докази“ за подготовка на терористички напад од ИСИС.