Рускиот претседател Владимир Путин на технолошки форум во Москва вчера изјави дека научници од Русија се блиску до создавање вакцина против рак што наскоро би можела да биде достапна за пациентите.
– Руските научници се многу блиску до создавање вакцини за рак и имуномодулаторни лекови од новата генерација. Се надевам дека наскоро делотворно ќе се користат како методи за индивидуална терапија – изјави Путин.
Тој не појасни на кои видови рак ќе делува вакцината и на кој начин.
За време на пандемијата на Ковид – Русија разви и своја сопствена вакцина „Спутник V“ против коронавирусот и ја продаде во голем број земји, иако наиде на широко распространет јавен отпор против вакцинацијата во земјата. Самиот Путин изјави дека бил вакциниран со „Спутник“, обидувајќи се да ги убеди луѓето во безбедноста и делотворноста на лекот.
Бројни земји и компании во светот работат на вакцини против рак. Владата на Обединетото Кралство, на пример, лани потпиша договор со германската компанија „Бионтек“ за почеток на клинички испитувања поврзани со персонализираниот третман за рак. 10.000 пациенти до 2030 година треба да добијат третман.
И фармацевтските компании „Модерна“ и „Мерк“ развиваат експериментална вакцина против рак. Испитувањата засега покажуваат дека вакцината наполу ја намалува шансата по 3 години третман да се врати меланомот, кој е најсмртоносниот рак на кожата. Во мигов инаку има 6 лиценцирани вакцини против хуман-папиломавирусот (ХПВ), којшто предизвикува неколку видови рак, вклучувајќи го и ракот на грлото на матката. Има и вакцина против хепатит Б (ХБВ) што предизвикува рак на црниот дроб.