Најмалку еден милион луѓе се без струја низ Украина по големиот руски ракетен напад, во текот на ноќта, врз енергетската инфраструктура на земјата, објави Ројтерс.
Три региони на запад се погодени од прекините на електричната енергија.
Максим Козицки, гувернер на западниот регион на Украина, пријави напади во енергетската инфраструктура таму и рече дека повеќе од половина милион луѓе во регионот се без струја.
Во текот на ноќта беа откриени проектили кои биле упатени кон Харков, Одеса и кон 8 други региони.
Отпадоци од проектили биле пријавени на две локации во Киев, но локалните власти тврдат дека противвоздушната одбрана ги пресретнала сите проектили истрелани кон главниот град.
Градоначалникот Виталиј Кличко пријавил материјална штета, но нема жртви.
„Напади на енергетските капацитети се извршуваат низ цела Украина. Операторот на електропреносниот систем ‘Укренерго’ итно воведе вонредни прекини на струја“, објави украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко.
Температурата во Киев денеска не се очекуваше да се искачи над 2 степени Целзиусови.
Руското Министерство за одбрана тврдеше дека уништило 25 украински беспилотни летала во текот на ноќта во 4 региони, вклучувајќи го и Крим.