Порадите жестоките судири околу Изјум, голем дел од градот е уништен, велат градските власти, а новите сателитски снимки го откриваат обемот на уништување на градот во источна Украина.
Фотографиите, направени од Maxar Technologies во четвртокот, а објавени од Си-Ен-Ен, покажуваат огромен кратер широк околу 12 метри во централниот дел на градот.
Од едната страна од кратерот се гледа опожарено училиште, а од другата фудбалско игралиште. Уништен е и дел од болницата спроти улицата.
На околу 5 километри северозападно од Изјум, може да се забележи конвој од руска артилерија како се движи кон градот.
Заменикот на градскиот совет, Макс Стрелник за Си-Ен-Ен изјави дека градот е целосно уништен од нападите на руските воздухопловни сили и артилерија.
– Руските војници сега ги контролираат градските сектори на северниот брег на реката што го дели Изјум на половина. Украинците ги контролираат урбаните сектори на јужниот брег на реката – рече Стрелник.