Русите се обиделе да го убијат украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на неговата вчерашна посета на Херсон, тврди белорускиот портал Некста. Според видео кое го објави каналот на Твитер, тие ја гаѓале улицата каде Зеленски зборуваше со локалните жители веднаш по неговото заминување.
Претходно, Зеленски разговараше со жителите кои се подготвуваа за евакуација. По средбата тој се упати кон Миколаив.
Во меѓувреме, руски официјални лица и воени блогери објавија дека во текот на ноќта се воделе тешки борби во клучниот регион Запорожје, на југот на Украина, пренесе Би-Би-Си.
Украинските власти демантираа дека ја почнале контраофанзивата, додека американскиот претседател Џо Бајден изјави дека западните земји направиле сè за да ја подготват Украина за контраофанзивата.