Денеска е 136-от ден од војната во Украина. Украинците најавија контранапад во Херсон и во Запорожје за враќање на окупираните територии. Вицепремиерката Ирина Верешчук апелираше до граѓаните кои живеат во делови од овие региони на југ да се евакуираат пред украинските сили да започнат контранапад, јавува Нова.
– Одете – нашата армија ќе почне да ги освојува овие области. Нашата определба е цврста како карпа. А подоцна ќе биде многу тешко да се отворат хуманитарни коридори – рече Верешчук.
Денеска беше соопштено дека САД ќе ѝ достава уште четири ракетни системи ХИМАРС на Украина во новиот пакет помош. Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, истакна дека е убеден оти Украина ќе остане независна и цела со својата меѓународно признаена територија, по војната, која, како што рече, сака да заврши што е можно поскоро.
Со ова не се согласува рускиот претседател Владимир Путин. Тој на седница на владата предупреди дека ситуацијата на глобалниот пазар на храна ќе биде предизвикувачка поради погрешните постапки на Западот.
Русија преместува резервни единици од целата земја и ги собира во близина на границата со Украина за следните офанзивни операции, соопшти денеска британското воено разузнавање.
Во најновиот извештај на Министерството за одбрана на Велика Британија, се прецизира дека се работи за нови пешадиски единици кои користат оклопни возила од типот МТ-ЛБ, кои биле на долгорочно складирање, пренесува Ројтерс.
Британското разузнавање наведува и дека Русија долго време смета дека таквите возила се несоодветни за операции за поддршка на пешадијата.
И покрај неодамнешните изјави на рускиот претседател Владимир Путин, кој рече дека руската армија „не ни започнала“ во Украина, повеќето од засилувањата биле собрани ад хок и опремени со застарена или несоодветна опрема, велат британските разузнавачи, објави Гардијан.