Русите ја пробиваат границата кај Харков, Киев таму испрати дополнителни сили
Во петокот, руските сили почнаа да користат оклопни возила за да ја пробијат границата со североисточниот украински регион Харков и силно ја гранатираа областа, објави Киев.
Ова е најсилниот знак досега дека Русија сака да отвори нов фронт во војната. Руските сили напредувале еден километар во близина на пограничниот град Вовчанск.
Борбите во пограничните области на регионот Харков продолжуваат. Киев таму испрати дополнителни сили, соопшти Министерството за одбрана.
Околу пет часот наутро имаше обид на непријателот со оклопни возила да ги пробие нашите одбранбени линии“, се вели во соопштението. „Овие напади досега беа одбиени, а борбите со различен интензитет продолжуваат.
Висок украински воен извор, кој одби да биде именуван, рече дека руските сили навлегле еден километар во Украина и имале намера да ги турнат украинските вооружени сили до 10 километри внатре во Украина.
Украина ги протера руските сили од поголемиот дел од регионот Харков во 2022 година, првата година од целосна војна.
Руските сили повторно се во офанзива и полека напредуваат во јужниот регион Доњецк.
Киев предупредува дека неодамнешното јакнење на руските сили во близина на регионот Харков може да биде показател за иден напад или обид за „растегнување“ на украинската армија, која се справува со недостиг на работна сила и муниција.
Стравувањата се зголемија во март за намерите на Кремљ во регионот Харков, откако рускиот претседател Владимир Путин повика на создавање на тампон зона внатре во украинската територија, за која рече дека е потребна за заштита на Русија.
Оттогаш, Харков, кој е особено ранлив поради неговата близина до Русија, е погоден од воздушни напади кои предизвикаа голема штета на енергетската инфраструктура во регионот.
Во Вовчанск, пограничен град во регионот Харков со предвоено население од 17.000, кое се намали на неколку илјади, властите соопштија дека населбата и околните области биле под силно гранатирање.
Властите им помагаат на цивилите во евакуацијата, изјави за медиумите Тамаз Гамбарашвили, шеф на воената управа на Вовчанск.
По повеќе од две години инвазија, Москва има импулс на бојното поле, а Украина се соочува со недостиг на работна сила и снабдување со артилериски гранати и противвоздушна одбрана.