Во руското бомбардирање на шест украински градови во четвртокот наутро, најмалку две лица загинаа, 21 беше ранет, додека многумина се уште се заробени под урнатините.
Тоа беа најголемите воздушни напади на Русија од 15 август и се случија еден ден откако беше пријавена саботажа на рускиот воен аеродром во Чкаловск во близина на Москва.
Тие се совпаднаа и со седницата на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, каде украинскиот претседател Володимир Зеленски одржа говор и ја претстави украинската „формула за мир“.
Во Керсон, град на југот на земјата лоциран блиску до линијата на фронтот, двајца загинаа, а пет беа повредени откако беше погодена станбена зграда, изјави регионалниот гувернер Олександр Прокудин.
Во нападот на Киев седум лица се повредени, меѓу кои и едно деветгодишно девојче, а оштетени се станбени и деловни објекти, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
Најмалку шест удари се случија во Харков, оштетена е цивилната инфраструктура, изјави регионалниот гувернер Олех Синјехубов. Две лица се примени во болница.
Околу десет лица се повредени, а едно е извлечено од урнатините во Черкаси, во централна Украина.
Уште 23 лица би можеле да бидат под урнатините, изјави регионалниот гувернер на Черкаси, Игор Табурец. Спасувачките служби работат на расчистување на урнатините.