Агент на германската тајна служба е уапсен во Берлин под сомнение дека и дал информации на Русија, објави во четвртокот канцеларијата на државниот јавен обвинител.
Германскиот државјанин Карстен Л., агент на Федералната разузнавачка служба (БНД), е осомничен за „велепредавство“, објасни државното правобранителство во Карлсруе и наведува дека извршило претрес во домот и работното место на уапсениот и на уште едно лице.
„Во 2022 година, тој и достави на руската разузнавачка служба информации што ги собрал во текот на неговата работа“, според јавното обвинителство во Карлсруе, кое е задолжено за истраги за шпионажа.
„Истрагата е спроведена во тесна соработка со БНД“, се наведува и се додава дека осомничениот бил изведен пред истражен судија, а потоа приведен.
Шефот на БНД, Бруно Кал, објасни дека службата спровела сопствена истрага, а кога ќе открие дека во нивните редови има шпион, го повикува федералното обвинителство.
Дискрецијата е клучна тука, посочува тој, бидејќи секој детал од истрагата што протекува во јавноста „е предност за противникот и и штети на Германија“.
„Русија е играч со кој мораме да сметаме на нејзината непромисленост и подготвеност за насилство“, рече Кал, а пренесува Ројтерс.
Неколку истраги за шпионажа поврзани со Русија беа спроведени во последниве години во Германија, како и во други европски земји.
Од руската инвазија на Украина, разузнавачките служби го подигнаа нивото на предупредување конкретно за шпионажа поврзана со Русија. На 18 ноември, германски резервен офицер беше осуден во Дизелдорф на затворска казна од една година и девет месеци условно за шпионирање за Русија.