Поранешниот британски тенисер Грег Руседски смета дека Стефанос Циципас е легитимен кандидат за титулата на Ролан Гарос.
Гркот во неделата ја одбрани титулата мастерс во Монте Карло со победата против Алехандро Давидовиќ Фокина, а покрај Циципас, финалистот на УС Опен во 1997 година, гледа уште тројца претенденти за тронот во Париз.
„Каква одлична изведба на Циципас. Сега е во одлична форма и ги има сите шанси да се претстави добро на Отвореното првенство на Франција. Мислам дека може да се најде во списокот на играчи кои се фаворити на Ролан Гарос“, изјави Руседски и продолжи:
„Тука се и Рафаел Надал, Новак Ѓоковиќ и Карлос Алкарас. Мислам дека ни претстои голем турнир со ваква конкуренција“.
Титулата во Париз ја брани Ѓоковиќ, кој во 2021 година во финалето го совлада Циципас (6:7, 2:6, 6:3, 6:2 и 6:4), а рекордер е Надал со 13 трофеи.