Медиумскиот магнат Руперт Мардок на 93-годишна возраст, се ожени по петти пат. Неговата најнова избраничка е Елена Жукова, 67-годишна Русинка, пензиониран биолог по професија, мајка на поранешната сопруга на рускиот милијардер Роман Абрамович. Венчавката била организирана во виноградот на Мардок во Калифорнија.
Руперт Мардок е роден во Австралија, шеф е на компанијата Њуз корпорејшн, која поседува неколку медиуми, како телевизијата Фокс Њуз, американските весници Волстрит журнал, Тајмс и лондонскиот таблоид Сан. Од претходните 4 брака, Мардок има 6 деца.
Мардок и Жукова се запознале на забава организирана од една од неговите поранешни сопруги, Венди Денг – претприемач со кинеско потекло.
Тој претходно беше во брак со австралиската стјуардеса Патриша Букер, потоа со шкотската новинарка Ана Ман и со американската актерка Џери Хол.
Жукова претходно беше во брак со рускиот нафтен милијардер Александар Жуков. Нивната ќерка Даша е поранешна сопруга на рускиот олигарх Роман Абрамович.
Руперт Мардок ја започна својата кариера во Австралија во 1950-тите.
Тој го отвори Фокс Њуз во 1996 година, денес најгледаниот канал за вести во Америка.
Преку Њуз корпорејшн, основана во 2013 година, Мардок поседува стотици локални, национални и меѓународни медиуми.
Руперт Мардок минатата година се повлече од функцијата претседател на Фокс и Њуз корпорејшн, оставајќи го неговиот син Лахлан да раководи со двете компании.