Рударството на колена, а хајката против нови рудници продолжува

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Стручната фела повикува да не се занемарува македонското рударство. Оваа гранка кај нас се соочува со голем број предизвици изминатиов период, а учеството на рударската индустрија во вкупниот БДП на земјата едвај достигнува 2%. Ваквата бројка е релативно скромна споредбено со високо развиените индустриски земји каде
придонесот на рударството во вкупната економија е далеку поголемо. Дополнително, рударскиот стандард кај нас е понизок за разлика од пред триесетина години, а просечната плата во секторот е околу 580 евра.

Но, наместо да се работи на подобрување на состојбата и овозможување нови инвестиции во гранката, се води дури и хајка против отворањето на нови рудници. Дел од упатените апелираат да се искористи намерата на Брисел за зелена транзиција, која не е можна без големи количини природни ресурси до кои може да се дојде
исклучиво со вадење руда. Европската унија на почетокот на оваа година наведе 34 „критични“ суровини, неопходни за зелената транзиција, меѓу кои и бакарот што изобилува во Македонија.

„Соработката со ЕУ во областа на рударството би го зголемила значењето на Македонија во очите на ЕУ и би имала придонес во европската интеграција. Македонската рударска индустрија од доста поискусните и поразвиени светски компании би можела да научи многу, влучувајќи ги и најмодерните начини за
унапредување на еколошката одржливост во рударството“, се вели во анализата на специјализираниот сајт Анторис.

Воедно, рударскиот инженер Ластомир Смилев, во својата последна колумна, оцени дека „македонското рударство од почитувана, профитабилна и значајна стопанска гранка“ сега се соочува со повици за забрана за отворање нови рудници.

„Евидентно е дека во последните години отсуствува сериозна институционална посветеност. Токму таа посветеност беше пресудна во тогашната СФРЈ да се развие овој цел сектор кој и денес претставува значаен фактор во македонската економија.

Напротив, во последните години сме сведоци дека неаргументирано се напаѓа целата индустрија и под таков јавен притисок се носат законски решенија кои го лимитираат развојот на рударството“, пишува Смилев.

Според рударскиот инженер стравовите кои се шират во јавноста се неоправдани и отсуствува дебатата за економските и другите придобивки од развојот со нови рудници, меѓу кои и оној за бакар во Иловица.

„Наративот против идните рудници продолжува за жал. Така, во последно време, поинтензивно се дебатира за проектот Иловица-Штука. При тоа, во јавноста се изнесуваат најразлични шпекулации и нејасни тврдења од потенцијалните ефекти од проектот. Верувам дека локалните жители се загрижени поради тоа, но моето
долгогодишно искуство во рударството ми го говори сосема спротивното“, додава
Смилев.

Со сличен став е и геологот Огњан Лазаров. Според него, достигнувањата на повисок стандард и квалитетен живот преку забрзан економски развој не се никако остварливи доколку „останеме заробени во говорот на омраза, со радикално негативистичкиот и исклучувачки пристап“.

- Advertisement -
Ad image

„Во јавноста брутално се наметнуваат неколкумина лукративно мотивирани актери или лажно загрижени еко-активисти од југоистокот на нашата држава. Овие агресивни кочничари на развојот, прогресот и изградбата на просперитетни и економски стабилни општини, региони и држава, под наметката на граѓанскиот активизам со апокалиптични сценарија во континуитет ја трујат јавната перцепција и всушност ја торпедираат и
убиваат нашата колективна иднина“, пишува Лазаров во колумна.

Тој додава дека неопходноста од забрзан економски раст не е веќе само право на избор, туку егзистенцијална неопходност за опстанок. Во меѓувреме, Смилев пак нагласува дека отворањето на идните рудници во Иловица-Штука, Плавица-Златица, Казандол, во општина Кратово и општина Пробиштип, ќе предизвикаат огромен
економски благодет. Односно, тие може да ја развијат источна Македонија, да отворат многу можности за работа на младите и така да се спречи миграцијата.

Share This Article