Британските лекари веруваат дека ја утврдиле причината за неодамнешните мистериозни проблеми со воспаление на црниот дроб кај децата и наведуваат дека истражувањата покажале дека виновникот се два вируса кои обично не предизвикуваат никакви проблеми во организмот.
Во изминатите неколку месеци, повеќе од 1.000 деца, од кои многу помлади од пет години, во 35 земји имаа воспаление на црниот дроб од непознато потекло, а на некои од нив им беше потребна трансплантација, јавува Би-Би-Си.
Два тима истражувачи од Лондон и Глазгов дојдоа до заклучок дека поради ограничувањата воведени за време на пандемијата на Ковид, децата многу подоцна од вообичаено дошле во контакт со два вообичаени вируси, на кои не стекнале имунитет кога требало.
Тоа се аденовирус, кој вообичаено предизвикува блага настинка и можеби благи стомачни проблеми, и адено-асоциран вирус два, кој вообичаено не предизвикува болест и има потреба од „вирус помошник“, како што е аденовирус, за да се репродуцира.
Во нормални околности, децата многу брзо се опоравуваат од овие вируси, а сега тие во некои случаи предизвикаа сериозно воспаление на црниот дроб.
Научниците ја отфрлија можноста болеста да е предизвикана од корона вирусот или вакцината против него и заклучија дека генетското наследство игра улога во развојот на болеста.
„Поради долгото заклучување за време на пандемијата, децата не се мешаа и не ги пренесуваа овие вируси едни на други, така што не стекнаа имунитет на овие вообичаени инфекции во времето кога требаше“, рече вирусологот, професорката Џудит Бојер.
Кога се укинаа ограничувањата, додаде таа, децата повторно почнаа да се мешаат и наеднаш беа изложени на вируси и низа инфекции на кои не стекнале имунитет, како што е вообичаено.
Професорката Ема Томпсон, која го водеше истражувањето во Глазгов, вели дека ова се важни наоди, но предупредува дека има уште многу неодговорени прашања.
„Потребни ни се дополнителни студии за подобро да разбереме каква улога има адено-асоцираниот вирус два во овие заболувања на црниот дроб кај децата“, рече Томпсон.